1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украинската криза го враќа Западниот Балкан во фокусот на ЕУ

Роберт Шварц/Б. Георгиевски6 ноември 2014

Два месеци по конференцијата за Западниот Балкан во Берлин, шест министри за надворешни работи од регионот повторно се собраа во германскиот главен град. Домаќини беа германскиот и британскиот министер.

https://p.dw.com/p/1DiDt

Шефовите на германската и на британската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер и Филип Хамонд делуваа задоволно. Нивната заедничка иницијатива, да му дадат нов импулс за европскиот интегративен процес во Југоисточна Европа, беше прифатена од учесниците на конференцијата за Западниот Балкан. Штајнмајер и Хамонд во Берлин ги поканија шефовите на дипломатиите од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Хрватска, Македонија, Црна Гора и Србија, за заеднички да изнајдат решенија за повторно заживување на помалку подзастанатиот процес на проширување.

Централната порака од конференцијата беше јасна: целиот регион на Западниот Балкан има ЕУ перспектива. „Западниот Балкан се наоѓа во срцето на Европа, не само културно, туку и политички“, изјави Штајнмајер на почетокот на средбата. Исто толку јасна беше и пораката за следното проширување на ЕУ: пред 2020 година ниту една земја нема да стане членка.

Притоа, различните нерешени проблеми во земјите од регионот, остануваат и натаму најголема пречка на нивниот пат кон ЕУ. Сега тоа би требало побрзо да се менува, особено ако се следи желбата на Штајнмајер и Хамонд. Во прв ред, на Босна и Херцеговина и е потребен нов почеток по последните избори. Политичките лидери во БиХ беа повикани да спроведат јасни реформски чекори на повеќе полиња. Крајно време е да бидат спроведени реформи на правната држава, начинот на владеење, економијата и социјалната политика.

Учесниците на конференцијата беа единствени во оценката дека перспективата за членство во ЕУ за земјите од регионот е главниот мотор за спроведување на реформите. Но, без засилен ангажман на ЕУ и на САД, спроведувањето на таквите реформи ќе оди тешко.

И покрај тоа што во регионот владее мир, и натаму се провлекуваат истите проблеми како и на почетокот на 2000.: корупција, организиран криминал, недостатоци во владеењето на правото, бирократизираност и лоша инфраструктура.

Претставниците на економскиот сектор предупредија дека бројни поглавја на ЕУ законодавството не се во согласност со развојот во државите од регионот, но побараа и повеќе реализам во проценката на критериумите, затоа што државите бараат јасни ветувања дека нивните маки ќе бидат вреднувани.

Westbalkan Konferenz 05.11.2014 Berlin Steinmeier und Pusic
Франк-Валтер Штајнмајер и Весна ПусиќФотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Опасност од Русија

На конференцијата беше кажано дека кризата во Украина бара забрзување на интеграцискиот процес. Доколку процесот и натаму бележи застој, Русија ќе го зголеми своето влијание во регионот.

И поединечното вреднување на државите од ЈИЕ го покажува делумниот застој. Хрватска, иако веќе две години членка на ЕУ, не бележи речиси никаков напредок. Во БиХ и во Македонија видлив е застој на реформскиот процес. Албанија бележи напредок во борбата против корупцијата, но потребно е спроведување и на натамошни реформи. Истото важи и за Црна Гора. Поздравено е политичкото приближување меѓу Србија и Косово, како прв чекор кон нормализирање, но мора да следуваат и натамошни чекори.

Економијата и политиката го делат мислењето во однос на едно нешто: целиот регион е од големо економско и безбедносно-политичко значење за Европа. Од тие причини, ЕУ мора перспективата за членство на земјите уште појасно да ја артикулира. Но, од друга страна, и земјите од регионот мораат да ги исполнат условите за членство. Тоа се во прв ред: владеењето на правото, реформите на администрацијата, и заложба за заедничка безбедносната политика. Регионалните пазари мора да соработуваат за да се зголеми интересот кај инвеститорите. Една економска офанзива на луѓето во регионот ќе им донесе работни места и благосостојба.

Следната конференција за Западниот Балкан ќе се одржи на нивот на шефови на држави и влади во Виена во 2015 година.