1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиства по налог на Косово?

4 декември 2009

Косово го тресе скандал, што може да доведе и до паѓање на владата. Поранешен борец на Ослободителната армија на Косово јавно призна дека во повоеното време извршувал убиства по налог на тајната служба на Косово.

https://p.dw.com/p/Kpd1
Фотографија: AP

Назим Блаца има 37 години. Кога во 1989 година изби војната на Косово, тој и’ се приклучи на Ослободителната армија на Косово - УЧК. По војната во 1999 година и’ пристапи на тукушто формираната тајна служба ШИК и сега е во домашен притвор. Блаца на крајот на ноември им предаде на косовските медиуми видео-снимка со негова изјава, во која се претставува како лице кое извршувало убиства по налог на косовската тајна служба ШИК, расформирана во 2008 година.

Straßenverkehr in Pristina, Kosovo
ПриштинаФотографија: picture-alliance/dpa

Тој признава вкупно 17 казнени дела, меѓу нив обид за убиство, телесни повреди и други злодела. Според него, жртви биле политичките ривали на Демократската партија на Косово (ПДК) на актуелниот премиер Хашим Тачи. Блаца вели дека учествувал и во бомбашки напад врз куќата на, во меѓувреме починатиот, поранешен претседател на Косово Ибрахим Ругова, во 2004 година.

Блаца вели дека од поодамна му ги пренесол на ЕУЛЕКС овие информации и дека во соработка со службеници на мисијата на ЕУ водел телефонски разговори, во кои неговите поранешни налогодавачи имлицитно ги признаваат нивните дела. Сега му се обратил на печатот затоа што стравува за својот живот.

„Во Косово мора да владее правната држава“

EULEX Mission der EU
Ив де КермабонФотографија: picture-alliance/ dpa

По објавувањето на случајот, шефот на ЕУЛЕКС Ив де Кермабон од Брисел допатува во Приштина и на средбите со премиерот Тачи и претседателот Фатмир Сејдиу побара целосно расветлување на аферата. Потоа излезе пред медиумите и нагласи: „Во Косово мора да владее правната држава, затоа работи ЕУЛЕКС. Политиката не смее да се меша во работата на правосудните органи, тоа е основата за демократија. ЕУЛЕКС тесно ќе соработува со институциите на Косово.“

Блаца не е само обвинет за злодела, туку и крунски сведок на властите. Кристоф Ламфлуси, портпарол на правната мисија на ЕУЛЕКС, изјави дека случајот го презел специјален иследник. Тој ќе мора да му гарантира и специјална заштита на Блаца, бидејќи неговите изјави би можело да ги доведат во тесно и врвните политичари во земјата.

Блаца објави голем број имиња на високи слижбеници на ШИК, кои наводно му давале наредби за злоделата. Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на претседателот Фартмир Сејдиу, тогаш беше во опозиција на ПДК, а сега е во владина коалиција со оваа партија. Дневниот весник „Коха Диторе“ шпекулира дека би можело да дојде и до распад на коалицијата.

Тачи се заложи за расветлување на аферата

Kosovo Unabhängigkeit Thaci und Sejdiu mit neuer Flagge
Хашим Тачи и Фатмир СејдиуФотографија: picture-alliance/ dpa

Премиерот Тачи вети дека политиката нема да се меша во работата на истражните органи и најави оспежно расветлување на случајот. „Се создадоа околности кои би можеле да го загрозат националниот уставен поредок и безбедноста. Затоа сме согласни дека треба да дејствуваме заеднички и дека целосно мора да се почитува правото, без политички мотивирани влијанија.“

Сомнежот против поранешната тајна служба е поткрепен и со изјавите на двајца пратеници. Гани Геци и Адем Салихај на крајот на ноември, во парламентот изјавија дека располагаат со изјави, дека ШИК учествувал во политички мотивирани убиства. Сега и тие се наоѓаат под специјална полициска заштита.

Автор: Фабијан Шмит / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска