1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција тивко попушта

Хајнер Кисел
25 јули 2017

Критиките во Берлин на сметка на Турција стануваат сѐ погласни. Германија размислува за остри мерки. Од Анкара доаѓаат први знаци на попуштање.

https://p.dw.com/p/2h6LI
Picture Teaser Deutsch Türkisches Verhältnis

Апсењата на германски државјани во Турција предизвикаа големи критики во Германија на сметка на претседателот Ердоган и неговата политика. „Односите со Турција не биле никогаш досега толку лоши“, оценува Кристијан Бракел од Германското друштво за надворешна политика (ДГАП). Тој додава и дека е „зачудувачки што дури сега доаѓаат интензивни реакции“.

Неговиот колега од фондацијата Наука и Политика (СВП), Гинтер Зојферт, исто така гледа нова фаза во односите со Анкара: „Интересно во дебатата е што во Германија, во меѓувреме, критиката на сметка на Турција е натпартиска и со тоа таа е и посилна“. 

Германскиот сојузен претседател Франк-Валтер Штајнмајер е последниот во низата политичари кои прилично јасно го изразија своето незадоволство со развојот на ситуацијата во Турција. За Штајнмајер „прашање на самопочит“ е испраќање „сигнал за стоп“ до Турција, со оглед на повредите на човековите права и недемократските мерки што се преземаат во таа земја. Претходно германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел најави нова политика на Германија кон Турција, во што се вбројуваат и заострените предупредувања за патување во таа земја.

Тешка реторика...

Во просторот сѐ уште виси и заканата со укинување на извозно-кредитните гаранции за зделките на германските претпријатија со Турција. За Анкара да се стави под притисок, може да бидат запрени и инвестициските кредити и економската помош. 

Sevim Dagdelen Abgeordnete Die Linke
Севим ДагделенФотографија: imago

За пратеничката на Левицата, Севим Дагделен, која е портпарол на својата пратеничка група за меѓународни прашања, зборовите на опомена од страна на германската влада сѐ уште не се доволно остри. „Само кревање бука нема да ги импресионира турските деспоти и киднапери“, вели таа, барајќи преземање активни чекори за запирање на разговорите за приклучување на Турција во ЕУ. 

Експертот Зојферт, наспроти тоа, верува дека и само закани може да имаат ефект. „Заострувањето на предупредувањата за патување од страна на Министерството за надворешни работи не е укажување да не се патува во таа земја, но веќе влијае врз резервациите на германските туристи, исто како што веројатно недавањето гаранции и кредити за стопанството може да ја намалат желбата за бизниси со Турција.“

Како прв знак на попуштање од турска страна би можело да се смета повлекувањето на Интерпол-листата на турската влада со 700 германски претпријатија на кои им се подметнуваше дека се вмешани во поддршка на терористички организации. Мал гест, но сепак е нешто. Зојферт е уверен дека позитивни сигнали може да се дадат и од судскиот процес против новинари на весникот „Џумхуриет“: „Ако бидат ослободени, тоа ќе значи дека Турција не сака натамошна ескалација барем по ова прашање.“

... или резигнација

Özcan Mutlu Bündnis 90/Die Grünen Berlin
Озџан МутлуФотографија: picture-alliance/dpa

„Сега веќе не е смешно, време е германската влада да повлече јасна линија“, потенцира Озџан Мутлу, член на пратеничката група на Зелените во Бундестагот. Но, при сета согласност со критиките на сметка на Турција, Мутлу не е задоволен со одбраниот момент. „Мислам дека можеби веќе е предоцна“, вели тој. Мутлу е лут на канцеларката Меркел поради тоа што таа во изминатите 18 месеци пет пати ја посетила Турција, а притоа не разговарала ниту за повредите на човекови права, ни за слободата на мислење, а немала ниту средба со турската опозиција. „Тоа Анкара го интерпретираше како слабост.“

И експертот Бракел не негува веќе некои големи надежи: „Турската влада веќе има многу напреднато на својот курс за сега да може да направи нагли пресврти.“ Бракел вели дека шансата е пропуштена. Тој тврди дека најголемиот адут на Турција во спорот со еврпските соседи има загубено на сила: заканата за откажување на договорот за бегалците и пуштање на голем број мигранти во ЕУ преку Егејот. Тоа во меѓувреме е неверојатно. Во Берлин и Брисел треба да се настапува посамоуверено, смета Мутлу. „Ние сме ѝ потребни на Анкара, а не Анкара нам.“