1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција собори руски воен авион

З. Јордановски /ртр/дпа/афп24 ноември 2015

Турција повеќепати ја предупредуваше Русија поради повреди на воздушниот простор при акции во Сирија. Со соборувањето на рускиот борбен авион ситуацијата ескалира, и тоа само еден ден пред посетата на министерот Лавров.

https://p.dw.com/p/1HBmf
Фотографија: picture-alliance/dpa/Anadolu Agency

Турските воени сили соборија руски борбен авион во пограничниот појас на турско-сириската граница. Руското министерство за одбрана во Москва соопшти дека станува збор за авион од типот Сухој Су-24, кој се урнал во Сирија. Според Русија, авионот бил соборен со проектил лансиран од земја. Ова е прва официјално потврдена загуба на авион од почетокот на руската интервенција во сириската граѓанска војна кон крајот на септември.

Турските оружени сили соопштија дека авион со непознато потекло го повредил турскиот воздушен простор и игнорирал десет предупредувања во рок од пет минути. Два турски борбени авиона од типот Ф 16 изутрината во пограничниот регион Хатај го собориле туѓото летало според правилата предвидени за таква ситуација.

Министерството за одбрана во Москва им противречи на турските тврдења дека авионот го повредил турскиот воздушен простор и оти може да се докаже дека цело време летал над сириска територија.

Државната турска агенција Анадолу прикажа видео снимка на која се гледа како авион што гори паѓа кон земјата. Телевизијата Си-Ен-Ен Турк извести дека авионот паднал на сириска територија на околу пет километри оддалеченост од границата. Двајцата пилоти се катапултирале. Едниот од нив паднал во рацете на сириските бунтовници, кои тврдат дека е мртов и прикажаа снимка на која се гледа неподвижното тело.

Во регионот во кој се случи инцидентот радикални и умерени бунтовници војуваат против приврзеници на режимот. Покрај етничкото малцинство Туркмени, таму се борат и припадници на Фронтот Ал Нусра, кој е сириски огранок на Ал Каеда.

Поради денешниот инцидент рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја откажа за утре планираната посета на Истанбул. Руската поддршка за режимот на сирискиот претседател Асад ги оптоварува руско-турските односи. Турција е категоричен противник на Асад.

Турското министерство за надворешни работи минатиот петок го повика рускиот амбасадор во Турција поради руските напади од воздух против туркменските бунтовници во Сирија. Премиерот Ахмет Давутоглу вчера нагласи дека армијата веднаш ќе реагира на повреди на границата кон Сирија.

По веста за соборувањето на рускиот борбен авион, НАТО стапи во контакт со Турција, која е членка на Алијансата. За денеска во 17 часот е закажана вонредна седница на претставниците на земјите-членки во седиштето на НАТО во Брисел.