1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Турција: На Дојче Веле му се заканува забрана

23 февруари 2022

По ултиматумот на турската Агенција за надзор на медиумите, на Дојче Веле му се заканува блокада на онлајн содржините во Турција. Генералниот директор на ДВ, Петер Лимбург најавува жалба на одлуката на турската агенција.

https://p.dw.com/p/47TCA
DW Deutsche Welle Haus Diversity Fahne
Фотографија: Ayse Tasci/DW

Агенцијата за надзор на медиумите во Турција (РТУК) му даде на Дојче Веле (ДВ) рок од 72 часа да поднесе барање за лиценца за дистрибуција на својата онлајн-понуда преку dw.com. Во спротивно, содржините на ДВ во Турција веќе нема да бидат достапни. РТУК ваквата одлука ја објави во понеделникот (21.02) на својата интернет страница.

„Откако со опсежна регулација беа опфатени локалните медиуми во Турција, сега следува обид за ограничување на известувањето на меѓународните медиуми“, критикува генералниот директор на ДВ, Петер Лимбург. „Оваа мерка не се однесува на формалните аспекти на дистрибуција на програмите, туку на самите новинарски содржини. Таа на турските власти им дава можност да ја блокираат целата понуда, доколку не бидат избришани одделни, критички извештаи. Со тоа се отвора можност за цензура. Ќе поднесеме жалба на таа одлука, а подготвени сме и на постапка пред турските судови.“

Еден од малкуте извори на независни информации

И турскиот активист во сферата на сајбер-правото, Јаман Акдениз, за германската агенција ДПА оценува дека лиценцирањето би значело „тежок политички упад во редакциската независност“ на Дојче Веле.

Во последните години турската влада постојано ја зголемуваше контролата над медиумите. РТУК и од турските редакции на Voice of America и на Euronews бара да поднесат барање за лиценца.

Ваквото барање е упатено врз основа на законските правила кои стапија во сила во 2019 година. Тие на владата на АКП ѝ дадоа поголеми овластувања по прашањето на контрола на интернет-платформите. Новата регулатива предвидува сите понудувачи на содржини да бараат лиценца, а освен тоа мора и да имаат свое претставништво во Турција. ДВ, во согласност со законот усвоен во 2019 година, основаше дописништво во Турција, а освен тоа Дојче Веле од февруари 2020 година е и официјално регистрирано кај надлежното турско министерство.