1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција апси Германци за да ги трампа за „пучисти“?

БГ
20 јули 2017

Апсењето на германски државјани во Турција во некои медиуми се толкува како смислена политика на властите во Анкара, со цел подоцна да бара нивна размена за осомничените пучисти кои добија азил во Германија.

https://p.dw.com/p/2gqYS
Türkei Ankara Rede Jahrestag Putschversuch
Фотографија: Reuters/Turkish Presidency

Шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел го прекина одморот и се врати во Берлин, каде денеска треба да објави какви мерки ќе преземе неговата земја против Турција. Односите меѓу двете земји постојано се влошуваат, а ново дно достигнаа со апсењето на шестмина активисти за човекови права во Истанбул, меѓу нив и германскиот државјанин Петер Штојтнер. Турското обвинителство им префрла дека поддржувале „вооружена терористичка организација“, а претседателот Реџеп Таип Ердоган во една изјава напомена дека имале врски со минатогодишните пучисти. Вчера, турскиот амбасадор во Берлин беше повикан на разговор во МНР.

Според информациите на германската Влада, досега под слични обвиненија во Турција се приведени 22 германски државјани од кои, деветмина сѐ уште се во притвор. Најпознат меѓу нив е дописникот на весникот Велт, Денис Јуџел, кој седи во затвор од февруари годинава без никакво обвинение.

Таблоидот Билд, повикувајќи се на дипломатски извори, пишува дека режимот на Ердоган ги зема германските државјани како „заложници“ и за нив бара трампа со турските офицери кои се осомничени за учество во пучот минатата година. Дел од тие офицери, со своите семејства, веќе добија азил во Германија. „Во таква трговија, секако, не смееме да се впуштиме“, вели портпарол на германското МНР.

Deutschland Bundesaußenminister Gabriel
Шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел денеска треба да ги соопшти мерките против ТурцијаФотографија: picture-alliance/NurPhoto/E. Contini

Левичарскиот Тагесцајтунг смета дека ќе мора да се воведат санкции против Турција. „Слабата точка на Ердоган е економијата и таа треба да се цели. Во моментов не смеат да се водат преговори за проширување на царинската унија и не само тоа - крајно време е да се разгледаат економски санкции. Предупредувањето да не се патува во Турција би бил добар почеток, прекинот на испораката на оружје и воена опрема би требало само по себе да се подразбира. Владата ќе има голем проблем со својата веродостојност доколку не е подготвена на тоа“.

Спротивен став зазема Келнер Штатајнцајгер. „Оној кој сака да го зајакне турското цивилно општество во борбата против Ердоган мора да води сметка тоа да не пропадне материјално. Демократите во Турција во најголем дел живеат на западот на земјата. Во Истанбул, Измир и туристичките региони покрај брегот. Таму владее либерален дух кој моќникот од Анкара го презира. Турција има повеќе лица одошто вообичаено се смета во Германија, и од она што го посакува Ердоган. Таа разновидност треба да се сочува“.
Минхенскиот Зиддојче цајтунг анализира дека зад судирот меѓу Берлин и Анкара се кријат пошироки тензии меѓу НАТО и Турција.

„На НАТО повеќе му треба Турција отколку обратно, поради геостратешката позиција на земјата. Турција е мост кон Азија и исламскиот свет. Дополнително, тука е и заедничката граница со жариштата во Сирија и Ирак. Во свет во кој врие, Алијансата по секоја цена сака да ја задржи Турција во својот клуб - а не случајно да ја набрка во прегратките на Москва“.