1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Туристите го откриваат Иран

Дан Хиршфелд / Ж.А.31 декември 2015

Иран станува се‘ поинтересен за туристите. Туристичкиот бум кај многумина Иранци раѓа надеж за отворање нови работни места.

https://p.dw.com/p/1HWRv
Фотографија: DW/D. Hirschfeld

Група германски туристи веќе една недела е во обиколка на Иран. За мнозинството од нив пулсирачката престолнина Техеран е кулминацијата на патувањето пред да си тргнат за дома. На програмата се музеи и големиот пазар, кои ги знаат претходно од фотографиите. Но, во живо да се доживеат земјата и луѓето е нешто сосем друго.

„Луѓето се супер, тотално љубезни, пријатни, пресретливи. Ме прашуваат од каде доаѓам, самоиницијативно ми нудат чај. Во целина, надминати се сите мои очекувања,“ вели еден турист.

„Кога во Германија раскажуваш дека ќе патуваш во Иран, владее запрепастување. Како само може некој да патува во Иран? Но, кога човек ќе стигне овде, едноставно веднаш се вживува во овој живот. Одеднаш движењето овде станува комплетно нормално,“ дополнува и една туристка.

Но, туристите мора да ги почитуваат исламските правила за облекување. И низ земјата не може да се патува на своја рака, туку во група.

15-милионскиот Техеран е модерна метропола. По крајот на меѓународната изолација, многумина Иранци во туризмот гледаат голема шанса за својата земја. Некои, пак извор на приходи и за себе лично. Во Иран има многу млади, добро образовани луѓе, но и огромен број невработени.

Овде погледнете го видеото:

Туристички бум во Иран

Реза Данешвар работи во туризмот и е специјализиран за германски туристички групи. Тој ја познава Германија и течно зборува германски. Оваа година во Иран стигнале преку пет милиони странски туристи, една четвртина повеќе од претходната година.

„Ако на туризмот му оди толку добро и натаму, сигурно постојат добри шанси за оние кои сакаат да работат во оваа бранша. Мислам дека има добри перспективи за работа не само во гастрономијата, туку и во туристичките агенции. Ова е многу важен фактор во поглед на намалување или справување со невработеноста,“ вели Реза Данешвар, раководител на туристичкото биро „Арг-е-Џадид-тревел“.

Но, за таа цел се потребни повеќе хотели според западни стандарди. Потребата е огромна. Реза Данешвар мора да се справува и со поплаките. Тој редовно разговара со туристичките работници околу дефицитите.

Неговата германска туристичка група на крајот на обиколката на градот ја посетува палатата Голестан во центарот на Техеран. Поранешното владино седиште на шахот сега е претворено во музеј.

Германците сметаат дека Иран вреди да се посети и имаат намера да им ја препорачаат земјата како туристичка цел на своите пријатели.