Во Утрехт се трага по 37-годишен Турчин
18 март 2019Три лица биле убиени, а деветмина повредени во нападот во трамвај во Утрехт, соопшти предмалку градоначалникот Јан фон Занен.
Холандските власти се сомневаат дека денешниот напад во трамвајот имал терористичка мотивација, но одбиваат да соопштат повеќе детали. Зголемено е на максимум нивото на безбедност во градот Утрехт и во околниот регион поради можна закана од тероризам. Засилено е обезбедувањето на витални објекти од инфраструктурата, аеродромите, џамиите и црквите, а училиштата се повикани да ги заклучат своите врати.
Холандскиот премиер Марк Руте по одржаните кризни разговори, изјави дека е длабоко загрижен поради инцидентот, кој се случува три дена откако десничарски терорист уби 50 луѓе во две џамии во градот Крајсчрч во Нов Зеланд.
Полицијата објави фотографија на 37-годишниот осомничен напаѓач Гокман Танис и ги предупреди граѓаните да не му се доближуваат доколку го забележат.
Претходно, шефот на холандската служба за борба против тероризам соопшти дека истрели биле испукани на повеќе локации, но одби да прецизира каде.
„Многу работи остануваат нејасни во моментов и локалните власти со сите сили се обидуваат да ги утврдат фактите. Она што го знаеме е дека напаѓачот е во бегство“, изјави Питер-Јап Алберсберг. Тој дополни дека нападот „делува како терористички напад.“
Премиерот Руте одби да коментира дали се работи за терористички напад, но посочи дека во нападот е можно да има повеќе жртви.