1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тројца Германци на челните функции во Косово

2 септември 2006

Сите тројца ќе мора да вложат вонредни напори за успешно да се разреши јазолот околу прашањето на статусот – смета Фабијан Шмит во наредниот коментар.

https://p.dw.com/p/AdiA
На свеченото преземање на должноста шеф на УНМИК, покрај Рикер стои германскиот министер за одбрана Франц Јозеф Јунг
На свеченото преземање на должноста шеф на УНМИК, покрај Рикер стои германскиот министер за одбрана Франц Јозеф ЈунгФотографија: AP

Доаѓањето на германските претставници на клучните функции доаѓа во пресуден миг. До крајот на годината Советот за безбедност на ОН треба да го донесе решението околу идниот статус на Косово, со што им се ближи крајот и на странските мисии. За тоа е неопходно сите граѓани во покраината да се чувствуваат безбедно, бегалците да можат да се вратат и да ги остварат сопственичките права и сите треба да добијат работа. На Косово му е неопходен стопански развој.

Од времето на војната пред седум години УНМИК и КФОР постигнаа веќе многу. Создадени се речиси сите демократски институции, што и‘ се потребни на една држава. Има парламент, влада и судски систем. Тие имаат зацртано високи стандарди, кои не секогаш ги исполнуваат. Во полицијата има и Срби и Албанци. На хартија барем стојат на највисоко место и правата на човекот и особено оние на малцинствата. Но, покрај сите тие постигнувања, има уште многу што да се направи.

Српската заедница на Косово има проблеми со интеграцијата во институциите. Таа се‘ уште го бојкотира парламентот, бидејќи не се чувствува соодветно застапена. Голем број Срби не си ги штитат сопствените интереси преку институциите, туку оставаат тоа за нив да го прави Белград. А српската влада ги застапува прво сопствените интереси, а дури потоа оние на нејзините сонародници на Косово. УНМИК се‘ уште има големи тешкотии во борбата против паралелените структури, што се контролирани од Белград.

Најголемиот дел од Србите на Косово живеат во компактни енклави надвор од главниот град Приштина. Тие не се осмелуваат да одат во подрачја каде што доминира албанското население. Таквото чувство на несигурност на многу места е и сосема оправдано. Токму неодамнешното фрлање бомба во едно српско кафуле во поделениот град Митровица покажува дека потиснатата омраза може лесно да се претвори во насилство. Но, како консеквенца од нападот не смее да се оди во продлабочување на етничката поделба. Србите и Албанците би требало уште од детска градинка и од училишните клупи да градат заедничка иднина. Наместо тоа денес српските и албанските деца одат во одвоени училишта, имаат поинакви наставни планови и содржини и не го учат јазикот на другата етнија.

Тоа е само уште еден доказ за тврдењето дека на Коасово навистина има уште многу работа. Шефот на УНМИК Рикер ќе мора со голем ангажман да се зафати со проблемите што и‘ стојат на патот на внатрешната интеграција на косовското општество. При тоа ќе мора да донесува и непријатни одлуки. А неговиот колега од КФОР, Катер, ќе мора да ги држи меѓународните сили во готовност за во случај на изливи на насилство да можат да одреагираат брзо и консеквентно. Она што е добро во сето е фактот што германските претставници на Косово се искусни и компетентни. Тие добро ја познаваат ситуацијата, со години се занимаваат со регионот и дотолку се во состојба да се носат со сложените задачи. Луѓето на Косово имаат и големи очекувања од тројцата Германци. Со многу ангажман и истрајност, тие ќе можат да ги остварат.