Три земјотреси во Хрватска
28 декември 2020Првиот земјотрес, со јачина од 5,2 степени се случи во 6:28 часот изутринава, соопшти Сеизмолошкиот центар Европа-Средоземје (ЕМСЦ).
Околу час и половина потоа, во рок од само три минути, имаше уште два нови потреса со јачина од 4,7 и 4,1 степени според Рихтеровата скала. Засега нема извештаи за штети.
Епицентарот на новите потреси бил на длабочина од 10 километри, 44 километри јужно од Загреб и 11 километри југозападно од Сисак. Првиот земјотрес се случил кај Петриња, соопшти Сеизмолошката служба на Хрватска. Градоначалникот на Петриња, Даринко Думбовиќ, за Н1 изјави дека во градот има материјална штета.
Локалните медиуми јавуваат дека голем број граѓани на Сисак се излезени на улица поради страв од нови потреси.
Директорот на Цивилна заштита, Дамир Трут, за Хрватското радио изјави дека засега нема информации за штети во главниот град.
На прашањето дали потресот којшто се почувствувал во Загреб дополнително го оштетил центарот на градот кој настрада во земјотресот во март, Трут одговори дека граѓаните јавувале оти го почувствувале земјотресот, но дека се' уште не се забележани штети. Сепак, Трут ги повика граѓаните да се оддалечат до зградите кои се претходно оштетени. Во земјотресот што го погоди Загреб на 22 март загина едно 15-годишно девојче, а повредени беа 27 лица, од кои 17 потешко. Оштетени се голем број објекти. Голем број граѓани ги напуштија домовите, а многу од нив и натаму живеат во привремени сместувалишта.