1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп сака да поентира со даночна реформа

СН/ агенции
28 септември 2017

Претседателот на САД и републиканците потфрлија со здравствената еформа. Сега на ред е реформата на даночниот систем. Дали таа ќе успее? Трамп имено досега не успеал низ Конгресот да протурка ниту еден голем проект.

https://p.dw.com/p/2kqaK
USA Indianapolis Rede Trump Steuerreform
Фотографија: Reuters/J. Ernst

Самиот Трамп и покрај серијата внатрешно-политички порази се прикажува борбено: „Тоа ќе биде историско даночно растоварување за американскиот народ“, изјави Трамп при посетата на Индијанаполис. „Овие даночни намалувања ќе бидат значителни“, најави Трамп. „Ова се вистински растоварувања во вистинско време“.

Реформата која претседателот и неговите републиканци ја предлагаат во Конгресот предвидува намалување на даноците за поединци и корпорации, поедноставување на даночниот систем и речиси двојно зголемување на даночните олеснувања кои ги користи мнозинството Американци.

„Премногу луѓе во нашата земја се исклучени од динамизмот на стопанството на САД што доведе до оправдано чувство дека системот е насочен против Американците, кои напорно работат“, се наведува во предлогот на даночната реформа.

Со значителни намалувања на данокот, ќе биде создаден поправичен систем, кој ги изедначува можностите и ги подобрува шансите за американските работници, малите компании и семејствата од средната класа.

Според овој план, двојно ќе биде зголемен делот од приходите кој не се оданочува, имено на 12 илјади за поединци и 24 илјади долари за семејства. 

USA Indianapolis Rede Trump Steuerreform
Фотографија: Reuters/J. Ernst

Бројот на даночни основици ќе биде намален од седум на најмалку три - 12, 25 и 35 насто, а конгресот ќе има можност да воведе и четврта основица за луѓето кои заработуваат многу. Во моментов стапките се движат од 10 до 39,6 насто.

За корпорациите највисоката основица ќе биде намалена од 35 на 20 насто. Трамп истакна дека новиот даночен систем е насочен кон помош на семејствата од средната класа. Тој се надева дека олеснувањата ќе имаат ефект врз пазарот на труд и ќе доведат до подобрување на благосостојбата на средната класа. „Ова ќе биде чудо на средната класа“, истакна Трамп.