Торнадо предизвика хаос во германскиот град Кил
30 септември 2021Најмалку седум луѓе се повредени откако торнадо мина низ северниот германски град Кил.
„Вакво нешто е невозможно да се предвиди“, вели метеорологот Себастијан Вахе за агенцијата ДПА, дополнувајќи дека торнадото започнало во предградијата на Кил.
Според противпожарната служба, четири лица биле сериозно повредени, додека уште тројца доживеале умерени повреди. Дел од повредените биле погодени во глава од летечки објекти носени од силниот ветер.
Кровови на згради биле откорнати, а се откинуваа и фасади, велат од службата. На социјалните мрежи кружат повеќе снимки од големото невреме кое е невообичаено за овој дел од светот.
Луѓе кои се нашле во близина на торнадото велат дека од силината ветрот паѓале дрвја, а објекти летале наоколу.
Климатскиот истражувач од Кил, Моџиб Латиф вели дека појавата на торнадото не е знак за климатските промени. „Не би го поврзувал со глобалното затоплување“, вели научникот покрај чија канцеларија мина торнадото.
„Тоа е еден редок феномен, кој се појавува одвреме навреме, но не означува нов квалитет“.
Среќна околност е што торнадото во последен момент ја променило траекторијата на движење па, наместо кон пешачката зона во градот, се упатило кон отворено море.