1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тимот што победува не го менуваат - ќе го освежуваат!

Катерина Блажевска14 март 2014

Кандидатските листи за пратеници се кројат по овој принцип: ќе доминираат политички и собраниски ветерани, а срамежливо се најавуваат и нови лица.

https://p.dw.com/p/1BPaj
Фотографија: MIA

Нови или стари имиња? Бизнисмени, лекари, актери, правници... Кои профили на народни избраници ќе се најдат на кандидатските листи за пратеници и кои критериуми ќе одлучуваат во нивниот избор? Моралниот кредибилитет, партискиот стаж, индивидуалната активност и популарноста меѓу членството и во локалната заедница, по правило се главните критериуми кои се решавачки за изборот дали во 123-те парламентарни столчиња повторно ќе седнат добро познатите лица или партиите ќе се определат за нови кадровски адути. Но, се чини најважна е улогата на лидерот, односно неговата визија со какви кадри ќе се бори за освојување на довербата на гласачите. Партиските лидери досега покажаа дека преферираат „проверени“ кандидати со политички и пратенички стаж. Овојпат се навестуваат и нови лица, па се чини дека на конечниот изглед на листите ќе доминира комбинација од двата пристапа.

И континуитет и нови лица

Во македонскиот блок партии, комбинаториките по обичај траат до последен миг. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои на листите треба да најдат место и за кадровските адути на нивните коалициски партнери, засега ги кријат фаворитите за пратеници. До петок (14. март) трае отворениот повик за самокандидирање на кандидати за пратеници, кој минатата недела го објави опозицискиот СДСМ, со дефинирани низа критериуми кои треба да ги исполнува кандидатот. Покрај самокандидирањето, право на предлагање имаат и партиските органи.

Mazedonien Zoran Zaev Präsident der oppositionellen Partei SDSM
Зоран Заев: Конечната листа веројатно ќе биде израз на континуитет, но и на нови имињаФотографија: MIA

„Конечната листа веројатно ќе биде израз на континуитет, но и на нови имиња“, кратко изјави партискиот лидер, Зоран Заев. Извори во партијата потврдуваат дека на листата сигурно ќе се најдат ветерани од парламентот и нови, реномирани кадри. Неофицијално, заменик-претседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска е најсериозен кандидат да биде носител на скопската листа, иако не е исклучено на таа позиција да се најде и Андреј Жерновски. Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, потпретседателите Дамјан Манчевски и Фросина Ременски, претседателката на Градската организација Софија Куновска, но и искусниот Игор Ивановски, се дел од имињата кои се спомнуваат како сигурни кандидати за пратеници. СДСМ на овие избори ќе биде соочена со предизвик плус: со своите кадровски адути да го спречи и можниот одлив на гласови на контото на партијата на Стевчо Јакимовски - ГРОМ, кој „до вчера“ беше нивен сопартиец. Во тој корпус спаѓа и Алијансата за позитивна Македонија, каде еден од основачите е поранешниот член на СДСМ, Владо Бучковски.

Од ВМРО-ДПМНЕ не може да се добие официјална информација за постапката за избор на кандидати за пратеници. Но, тоа не е тајна само за медиумите. На последните парламентарни избори во 2011 година, до последен момент и голем дел од партиските функционери не знаеја дали се на листата. Сепак, сосема е извесно дека носител на листата во скопската изборна единица ќе биде Никола Груевски. Според партиски извори, на листите ќе се најдат собраниски ветерани, неколку министри и градоначалници, а не е исклучено освежување да бидат и личности од јавниот живот (пејачи, актери) за кои партискиот врв ќе оцени дека „влечат гласови“. На таа одлука ќе и‘ претходат анализи во секоја изборна единица, каде што ќе се испитува мислењето на граѓаните за можните партиски кандидати. Зоран Ставрески, Никола Тодоров, Спиро Ристовски, Иво Ивановски, Гордана Јанкулоска се дел од имињата за кои во партијата се сигурни дека ќе бидат на врвот на кандидатските листи, заедно со Силвана Бонева, Антонио Милошоски, Илија Димовски, Влатко Ѓорчев... И партнерите од коалицијата „За подобра Македонија“ очекуваат да бидат добро позиционирани на листите. Амди Бајрам од Сојузот на Ромите, кој во собранискиот дом е од 1994 година, се надева дека и на овие избори ќе се најде меѓу првите пет места на листата во ИЕ 2.

Mazedonischer Ministerpräsident Nikola Gruevski
Никола Груевски носител на листата во скопската изборна едница?Фотографија: MIA

Без изненадувања

Во албанскиот блок партии е прилично раздвижено, откако ДПА им даде инфузија на претседателските избори, номинирајќи свој кандидат. Лидерот Мендух Тачи е уверен дека веќе составил кандидатска листа за победа .

„Прва работа што треба да ја обезбедиме на дваесет и седми април ќе биде победа, со што и конечно ќе ставиме крај на лагите на ДУИ“, изјави тој по седницата на Централното собрание, на која беа изгласани предложените кандидати за пратеници. На листата нема кадровски изненадувања. Во ИЕ 6 носител на листата е партискиот лидер, а зад него се Ернад Фејзулаху и досегашната пратеничка Мерале Узеири Ферати. Во ИЕ1 листата ја предводи уште досегашен пратеник - Беким Фазлиу, а по него е Мухамед Тачи, кандидатот на ДПА за градоначалник на Чаир на локалните избори. Во ИЕ 2 за нов пратенички мандат ќе се бори и Орхан Ибраими, а Муртезан Идризи, кој беше кандидат за градоначалник на Липково, овојпат ќе ја испроба пратеничката среќа. Неизвесно е во ИЕ 5. Поради незадоволство на струшкиот огранок, затоа што лидерот не ги консултирал за листата, кандидатите се повлекоа. Остана само носителот Зија Јонузи.

Menduh Taci Politiker Mazedonien
Мендух Тачи е уверен дека веќе составил кандидатска листа за победаФотографија: DW

ДУИ засега е воздржана околу имињата на кандидатската листа, но извесно е дека Али Ахмети ќе ја предводи листата во ИЕ 6, а во другите изборни единици ќе бидат распоредени познати имиња - портпаролот Бујар Османи, директорот на „Македонска пошта“ Рафиз Алити, пратениците Ермира Мехмети (ИЕ 1) и Реџаил Исмаили (ИЕ 2), секторската директорка од скопските клиники Шкодране Дарлишта. Неофицијално, ДУИ ќе биде единствена партија што ќе предложи листа и во ИЕ 3, а како најсериозен кандидат за нејзин носител се спомнува Муса Џафери. Во ИЕ 5 битката за носител на листата се води меѓу поранешниот градоначалник на Струга Рамиз Мерко, пратеникот Арбен Лабеништа и министерот за локална самоуправа, Тахир Хани.

Ali Ahmeti mazedonischer Politiker in Berlin
Извесно е дека Али Ахмети ќе ја предводи листата во ИЕ 6Фотографија: DW/S.Padori-Klenke

Во НДП, лидерот Руфи Османи ќе ја предводи листата во ИЕ 6, а зад него е Изет Зекири, кој лани си даде оставка на пратеничката функција, откако на локалните избори не ја доби поддршката од граѓаните за градоначалник на Тетово. Во ИЕ 2 носител на листата ќе биде Џезаир Шаќири, а во ИЕ 5 потпретседателот на партијата Артан Дика.

Неодамна на политичката сцена се врати и ПДП која најави учество на парламентарните избори со своја листа на кандидати.

Цел мандат отсутни

Граѓаните не се задоволни од седмиот парламентарен состав, па затоа и немаат големи очекувања од осмиот. Веса Митрева (67), пензионерка која редовно ги следи тв-преносите на седниците на парламентот, не верува дека во пратеничките столчиња ќе седнат луѓе со „свое јас“.

„Со пратениците ми поминува времето. Ги следам сите преноси, ама не гледам напредок. Станаа гласачка машина. Се‘ по налог на лидерите. 'Добар ден' не кажува, ако нема директива. Некои ми се допаѓаа со дискусиите, ама тие се ретки. Даваа аргументи, примери, не плукаа. Други, со години ги чекам да изустат нешто. Не чув ни збор. Некои и воопшто не ги видов. Не доаѓаат. Таквите не треба ни да бидат на листите“, вели Митрева.

Mazedonien Das Parlament in Skopje
Фотографија: Petar Stojanovski

Не е единствена која го има тој впечаток. Податоците од собраниската публикација „Мојот пратеник“ точно ја отсликуваат состојбата во парламентот со прецизни податоци - колку седници се одржани во одреден период, колку закони се донесени, кои пратеници се најактивни, кои не доаѓаат на седница, кои никогаш не се јавиле за дискусија. На пример, од јуни до декември минатата година парламентот одржал 10 работни седници, на кои биле донесени вкупно 190 закони. На седниците за дискусии најмногу се јавувал Самка Ибраимовски, а воопшто не дискутирале 33 пратеници. Од седниците ниту еднаш не отсуствувале 36 пратеници. Најмногу отсуства од седниците имале Фиат Цановски, Али Ахмети, Тито Петковски и Мендух Тачи, а и воопшто не се јавиле за збор на пленарна седница. Апсурдно, ако се има предвид дека сите се партиски лидери, еден од нив коалициски партнер во Владата, а Тито Петковски е и рекордер според стажот поминат во пратеничките клупи - вкупно 23 години. Бил во сите 7 досегашни состави. Втор по стаж е Амди Бајрам, кој во пратеничките клупи е од 1994 година.

Овие податоци може да бидат од полза при составувањето на кандидатски листи, но проблем е што некои од нив ги утврдуваат токму „неоправдано отсутните“. Тоа избирачите уште посилно треба да ги увери во важноста од нивниот глас, бидејќи на крајот одлучува само тој.