1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешко со мандатите, потешко без нив

Катерина Блажевска30 април 2014

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска од Централниот одбор ќе побара поддршка за неприфаќање на 34 пратенички мандати што ги освои СДСМ, но од партијата не откриваат дали и кои други предлози ќе бидат ставени „на маса“.

https://p.dw.com/p/1Br6i
Фотографија: Petr Stojanovski

СДСМ крена раце од приговорите. На синоќешната (29.04) седница на Извршниот одбор (ИО) на СДСМ била донесена одлука партијата да не поднесува приговори за нерегуларностите на гласањето. Причина за тоа е што сите досега поднесени, биле одбиени или занемарени. По ваквата одлука, ДИК нема да има многу работа. До Комисијата синоќа пристигнале 12 приговори за постапката на гласање, а до полноќ партиите можеа да поднесуваат и приговори и за сумирањето на резултатите од гласањето. Како што соопшти портпаролката на ДИК, Билјана Јовановска, до синоќа ДУИ поднесла два приговора, ГРОМ четири, а ДПА шест. Денеска ДИК треба да одлучува за нив, а за одлуките на Комисијата партиите можат да поднесат тужба до Управниот суд, кој за нив треба да се произнесе во рок од 48 часа.

СДСМ денеска решава

За СДСМ поважна од приговорите до ДИК е одлуката на партискиот Централен одбор (ЦО), кој денеска ќе заседава и треба да ги дефинира идните чекори, откако партијата соопшти дека не го признава изборниот процес. За тоа се разговарало и на синоќешната седницата на ИО, но конечната одлука треба да биде донесена од ЦО, каде лидерот на партијата Зоран Заев ќе побара поддршка за неприфаќање на 34 пратенички мандати што ги освои СДСМ на парламентарните избори. Од партијата не откриваат дали и кои други предлози ќе бидат ставени „на маса“. Дилемата со која денес се соочува членството во СДСМ е дали со неприфаќање на пратеничките мандати партијата би ја изгубила и последната можност за институционално дејствување, бидејќи ќе се најде во еден вид самоизолација.

Zoran Zaev, Vorsitzender der Partei SDSM
Зоран Заев ќе побара поддршка за неприфаќање на 34 пратенички мандатиФотографија: Petr Stojanovski

„Тоа е значајно прашање, ако се има предвид дека партијата планира 'институционална битка за докажување на системската кражба на гласови'. Низ кои институции ќе се води таа битка, ако СДСМ сам се откаже од учество во институцијата Собрание“, коментира член на партијата.

Прашање е и дали одлуката на СДСМ ќе ја зајакне или ќе ја наруши компактноста во партијата. Заев од коалициските партнери добил ветување дека ќе застанат зад секоја одлука што ќе ја донесе СДСМ, без оглед дали тоа ќе значи и вонинституционално дејствување. Но, она што никој не може да го гарантира е дали сите лица кои се наоѓаат на листите за пратеници би ја следеле евентуалната одлука за неприфаќање на мандатите.

Präsidentschaftswahlen in Mazedonien
Прашање е и дали одлуката на СДСМ ќе ја зајакне или ќе ја наруши компактноста во партијатаФотографија: Petr Stojanovski

„Не е исклучено дека 'некој' може да изврши притисок врз нив, со цел во корен да ја сосече идејата на опозицијата за демаскирање на кражбата на гласови и на таков начин да прикаже наводен легитимитет. Познати се такви методи на притисоци и уцени од оние кои се во позиција тоа да го прават и таквите опасности никако не смее да се игнорираат“, предупредува висок извор во партијата.

Уставот не познава „техничка влада“

Што ќе се случи ако СДСМ реши да не ги прифати пратеничките мандати? Според експерти по уставно право, тоа нема да биде пречка за конституирање на Собранието, бидејќи тоа може да се конституира ако на седницата присуствуваат мнозинство избрани пратеници. Единствено е нејасно како ќе се постапи кон неприфатените мандати, вели професорот по уставно право, Светомир Шкариќ.

„Уставот не познава ваква ситуација. ДИК ќе ги достави решенијата до пратениците, но ако тие решат да не се појават на седница, мандатите ниту можат да бидат верификувани, ниту одбиени. Има правна празнина, која треба да се регулира или со Закон за Собранието или со Деловникот. Од друга страна, СДСМ не промислиле добро кога побарале формирање 'техничка влада', бидејќи такво нешто не е предвидено во Уставот. Во него нема ни 'службена влада', каков што е случајот во некои земји, а се користи во случаи кога парламентот два пати едно по друго не може да избере влада“, објаснува Шкариќ.

Mazedonisches Parlament spricht Vertrauen aus
Има правна празнина, која треба да се регулира или со Закон за Собранието или со Деловникот, оценува проф. ШкариќФотографија: MIA

Според него, подобро е пратениците на СДСМ да се појават во Собранието и со систематизирани аргументи да отворат дебата зошто не се за верификација на мандатите, ако решиле да не ги верификуваат.

„Можат чуда да прават. Едно е легалитет на избрани по процедура, друго е легитимитет. Легитимитетот е толку кршлив, што ако и малку се оспори, почнува да се топи. Ако некој лажел, ако не ги исполнил ветувањата, ако креирал нерегуларности, низ вакви дебати ќе биде соочен со силна кршливост на легитимитетот“, вели Шкариќ.

Ахмети со порака од Косово

Но, се чини дека единствената неизвесност не доаѓа од кампусот на СДСМ. Во интервју за косовскиот весник „Нова ера“ лидерот на ДУИ, Али Ахмети, најави „нестабилност во земјата“, ако неговата партија не влезе во идната влада, како субјект кој на последните избори освои над 153 илјади гласови. Тој соопшти дека како најголема политичка сила во албанскиот блок ќе преговара со ВМРО-ДПМНЕ за формирање влада. Но, во однос на информациите дека и лидерот на ДПА Мендух Тачи веќе преговара за учество во Владата, Ахмети предупреди дека „таква Влада не може да помине, бидејќи тогаш ќе има нестабилност во Македонија“. Според извори во ДУИ, до партијата стигнувале информации дека ДПА би можела да биде поканета во владата, единствено со цел тоа да биде причина ДУИ да одбие учество во таква коалиција.

Präsidentschaftswahlen in Mazedonien
До ДУИ стигнувале информации дека ДПА би можела да биде поканета во владата, единствено со цел тоа да биде причина ДУИ да одбие учество во таква коалиција?Фотографија: Petr Stojanovski

„Ако некој сака да одреди кој ќе влезе во Владата по приципот 'двајца се караат, третиот користи', треба да знае дека таа политика нема да донесе ништо добро и на крајот ќе заврши со најголема штета кај нејзинот креатор“, предупредува извор од врвот на ДУИ.

Според аналитичарот Имер Исмаили, токму високата победа на ДУИ ги задолжува да бидат заштитници на интересите на Албанците, влегувајќи во достоинствени преговори.

„Ако ДУИ се доведе во ситуација како во 2008 и 2011 година, кога на една маса седеше претставникот на ДУИ, а во другата канцеларија седеа претставници на ДПА за да се договорат со ВМРО-ДПМНЕ, тоа за ДУИ ќе биде непростливо. Тие треба да бидат одлучни и да ги штитат легитимитетот и волјата на мнозинството избирачи Албанци со сите расположливи механизми и сакам, а и верувам дека ќе го направат тоа“, изјави Исмаили.

Но и на лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој во неколку наврати изјави дека сигурно ќе биде дел од новата влада, деновиве „не му цветаат рози“. Струшкиот градоначалник Зијадин Села и огранокот на ДПА од Струга побараа од Тачи да поднесе оставка од функцијата претседател на партијата, поради слабите изборни резултати.

Menduh Taci Politiker Mazedonien
Аналитичарите сметаат дека лошите резултати на ДПА се должат најмногу на расколот во партијата пред изборите - Мендух ТачиФотографија: DW

„Бараме конгресот на ДПА под итно да свика собрание на кое би се разговарало за резултатите од претседателските и парламентарните избори и да се разговара за евентуалниот влез на ДПА во владата со ВМРО – ДПМНЕ. ДПА никогаш нема на победи на избори се' додека Тачи е претседател на партијата“, изјави Села.

Аналитичарите не се изненадени од слабиот резултат на ДПА, со разлика од околу 90 илјади гласови помалку од ДУИ. За тоа, велат, имало многу фактори, но најмногу влијаел расколот во ДПА пред изборите.

Пребројување на гласовите

Анализа бара и ВМРО-Народна партија, но не на нејзините изборни резултати, туку на гласачкиот материјал. Партијата изрази длабока загриженост поради разлика од 104 гласачки ливчиња вишок во однос на вкупниот број на граѓани кои излегле да гласаат, што е евидентно од податоците објавени на официјална веб-страница на Државната изборна комисија. ВМРО-НП побара и објаснување за контроверзниот наод на точно 20.000 вишок гласови во општина Аеродром, кои експресно беа поправени по откривањето на крајно збунувачкиот резултат за излезеност од 99,76 осто во таа општина, што, според оваа партија, отвара сомнеж дека точно 20.000 гласови биле резерва за некоја политичка партија доколку резултатите не и‘ оделе во прилог.

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

„Согласно со Изборниот законик, ако се утврди само едно гласачко ливче повеќе од вкупниот број на гласачи што гласале, треба да се поништи гласањето во избирачкото место каде што е утврден вишокот. ВМРО-Народна партија бара од Државната изборна комисија, пребројување на целокупниот гласачки материјал во ИЕ 1, ИЕ2, ИЕ3, ИЕ5 и доколку се потврдат горе наведените разлики, целосно да го поништи гласањето во тие изборни места и согласно со одредбите од Законот за избори во нив да распише нови“, соопшти ВМРО-НП.

Од целата постизборна состојба, евидентно е дека се отворени многу технички и политички прашања, но до денес на повидок нема ниту еден одговор.