1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешко е да се биде опозиција во Србија

Ивица Петровиќ
6 април 2022

Демократската и проевропска опозиција во Србија на последниве избори оствари резултат под очекувањата. Избирачкото тело на опозицијата во Србија стагнира и тоа е нејзин основен проблем, сметаат аналитичари.

https://p.dw.com/p/49WK9
Serbien I Wahlen
Фотографија: Marko Drobnjakovic/AP/picture alliance

Прелиминарните резултати од изборите во Србија покажаа дека истражувачите на јавното мислење не погрешија премногу и дека беа неоправдани обвинувањата на опозицијата дека нејзиниот рејтинг е двојно поголем од прогнозираниот.  Александар Вучиќ победи во првиот круг на претседателските избори, опозицијата не успеа да го освои Белград, на парламентарните избори најмногу гласови освои  Српската напредна партија (СНС),  но првпат нема да може самостојно да формира влада.

Како најголем губитник на изборите затоа се смета опозициската групација Обединети за победа на Србија, а донекаде и СНС, зашто нејзиниот рејтинг солидно заостанува во однос на претседателот на партијата, додека како извесно изненадување се толкува влезот на три десничарски листи во парламентот. Тоа свртување во десно, како и одличниот резултат на Социјалистичката партија на Србија (СПС), се толкуваат како резултат на нивната отворена поддршка на Русија и нејзината политика.

Стагнираат опозициските гласови

Како еден од клучните проблеми на продемократската и проевропска опозиција, Дејан Бурсаќ од Институтот за политички студии го наведува фактот што „таа веќе во неколку изборни циклуси не го зголемува своето салдо на гласови. Веќе долга низа години таа опозиција се обраќа на целосно исто бирачко тело. Тие мораат да размислат како да го зголемат тој број, во однос на околу 800.000 до 850.000 гласови кои ги добиваат во веќе неколку изборни циклуси.“

Опозицијата досега главно беше успешна само во создавање раздор и меѓусебна расцепканост и големо прашање е колку и по овие избори ќе тргне на пат кон интеграција. Политичкиот аналитичар Бобан Стојановиќ смета дека тоа би било логично, но истовремено се сомнева дека тоа ќе се случи, „имајќи ги во вид и односите на лидерите, колку тешко се правеа тие коалиции, како и тоа колку различни пристапи имаат кон опозициската борба. Во таа смисла не сум оптимист“, наведува Стојановиќ.

Растот на десницата предупредување за Вучиќ

Десниот дел од политичкиот спектар на изминатите избори доби отприлика ист дел од избирачкото тело како и условно речено левата опозиција. Сега меѓу тие два патишта се наоѓаат  Александар Вучиќ  и СНС. На тој момент, дека Србија сврте во десно, во изборната ноќ сврте внимание и самиот Вучиќ.

Дејан Бурсаќ за Дојче веле вели дека  „војната во Украина  и пораките на власта за мир и стабилност се рефлектираа на претседателските избори, но тоа не се прели и на парламентарните. Очигледно дека граѓаните на некој начин сакале да ја казнат СНС поради некое перципирано прозападно свртување, но и да ја предупредат власта на потенцијални санкции кон Русија. Тој став очигледно им е важен на избирачите и тоа е некое предупредување до Вучиќ, што ќе прави во тој поглед“, оценува Бурсаќ.

Бобан Стојановиќ смета дека е тоа „идеална позиција за Вучиќ, зашто расцепот внатре во опозицијата е многу поголем отколку во односот на опозицијата кон власта. Мислам дека на Вучиќ му одговара влезот на три десни листи во парламентот, зашто тие нема остро да го напаѓаат за одредени прашања. Тоа некаде ќе биде и добро  оправдување на Вучиќ пред Западот,  кое може да го користи како предупредување што може да се случи ако таа русофилска струја нарасне, во однос на Вучиќ кој вели дека е умерен и зазема некоја централна позиција“, нагласува Стојановиќ.

Serbien Wahl 2022 | Aleksandar Vucic
Лидерот на СНС, Александар Вучиќ по изборитеФотографија: Antonio Bronic/REUTERS

Услови на политичката борба

Во текот на кампањата се стекна впечаток дека опозицијата многу повеќе внимание им посвети на белградските избори и затоа е забележливо дека и резултатите на локално ниво ширум Србија беа подеднакво разочарувачки. Меѓутоа, Бобан Стојановиќ истакнува дека опозицијата навистина „ги обиколуваше местата низ цела Србија, но проблем се всушност условите на политичката борба. Секаде надвор од Белград и од поголемите центри, навистина е тешко да се биде опозициски активист. Некој ќе рече дека тоа можеби било во деведесеттите, но сега, во време на социјални мрежи и сѐ друго, можноста за контрола на јавниот сектор е далеку поголема и луѓето едноставно го избираат полесниот пат“, напоменува Стојановиќ.

Дејан Бурсаќ смета дека и кампањата на опозицијата „почна доцна, беше оптоварена со судирот околу претседателскиот кандидат и генерално не беше добро организирана. Опозицијата премногу внимава да не изгуби гласови во некој свој круг и не се обидува да допре до широката јавност. Не чув ниеден иновативен став, не знам кои се главните пораки, освен некои општи дека се загрозени демократијата и дека не е добра медиумската сцена. А тоа не е нешто што го интересира просечниот гласач“, напоменува Бурсаќ.

СНС ќе го обесмисли парламентот

Ако би требало да се бараат некои позитивни страни на изминатите избори, тогаш тоа е фактот дека во следниот состав на парламентот ќе има извесен број опозициски пратеници. Колку тоа ќе придонесе кон подобра видливост на опозицијата и промовирање на нивните ставови?

Бобан Стојановиќ забележува дека една добивка е „тоа што опозицијата сега ќе добива пари за редовно финансирање и ќе добие некоја подобра видливост како парламентарни партии. Но, мислам дека СНС брзо ќе ја обесмисли дебатата и парламентарната работа и мислам дека ќе имаме слична ситуација како во предминатиот состав кога беше мачно да се гледа и кога опозицијата на крајот го напушти парламентот“, оценува аналитичарот.

Поголемото буџетско финансирање и поголемиот медиумски простор и Дејан Бурсаќ ги гледа како бенефити за опозицијата, а „од друга страна парламентот веќе нема да биде сала за еднопартиска дебата, а сето тоа е добро за граѓаните и за демократијата во Србија“, заклучува Бурсаќ.