1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешка година за Косово

Анила Шука14 јануари 2009

Според еврокомесарот Оли Рен, 2009 година ќе биде година на западниот Балкан. Но, во случајот со Косово тоа ќе биде тешко, смета експертот Јохана Дајмел, која е коавтор на студија за иднината на Косово.

https://p.dw.com/p/GXnp
Пред Косово стојат уште многу искушенијаФотографија: AP

Откако покраината прогласи независност во февруари 2008 година, односите меѓу Приштина и Белград се заострија како никогаш претходно. Каква е иднината на Косово? Експертите Јохана Дајмел и Армандо Гарсија Шмит направија обемна студија на оваа тема. Во интервју за „Дојче веле“, Дајмел зборува за најбитните точки од истражувањето.

Дипломатски опструкции

Оли Рен вели дека 2009 година ќе биде година на западниот Балкан. Прашањето е дали тоа ќе се однесува и на Косово. Дајмел одговара:

„Во секој случај, ќе биде тешко за млада држава како Косово, која прво мора да ја докаже својата државност“.

На прашањето каква улога игра Србија во оваа ситуација, Дајмел вели:

„Тешкотиите произлегуваат и од дипломатските опструкции што постојано доаѓаат од Белград и го отежнуваат признавањето на Косово. Некои држави сега имаат задршки околу тоа дали треба или не треба да го признаат Косово за независна држава, се` додека во целиот процес е вмешан Меѓународниот суд на правдата. Белград спроведува рафинирана тактика што доведува до несигурност во меѓународната заедница, кога станува збор за признавањето на Косово и негово зачленување во различни организации“, вели Дајмел.

Многу предизвици

Уште една ситуација што загрижува во врска со Косово е тоа што ЕУ се` уште нема единствен став. Дајмел смета дека во текот на чешкото и шведското претседателство работите би можеле да тргнат на подобро, но стравува дека следната земја што ќе дојде на чело на Унијата, односно Шпанија, нема да му биде многу наклонета на Косово.

Jahresrückblick 2008 Februar International Kosovo Unabhängig
ЕУ нема единствен став за КосовоФотографија: picture-alliance/ dpa

Токму затоа пред косовската влада стојат многу предизвици. Дајмел анализира:

„Косовската влада сега мора да се покаже како поактивна, кога е во прашање српското малцинство во Косово. Било да е во обраќањата пред парламентот или во јавните настапи, премиерот Тачи би можел да каже и неколку српски зборови. Тоа би бил добар гест, симболите многу значат. Не може да се очекува дека Србите во Косово одеднаш ќе почувствуваат доверба кон владата. На тоа мора да се работи“, изјави Дајмел во интервју за „Дојче веле“, додавајќи дека анкетите покажуваат дека кај косовските Срби постои се` поголема подготвеност да соработуваат со Албанците.

„Станува збор и за средствата наменети за Косово, добиени на донаторската конференција. Да ја земеме за пример Косовска Митровица. Тие не можат да отидат само кај Албанците кои живеат таму, туку и кај Србите. Освен тоа, анкетите покажуваат дека постои се’ поголема подготвеност кај косовските Срби да соработуваат со Албанците“.