Терористички напад врз хотел во Могадишу
17 август 2020Нападот почнал со активирање на автомобил бомба од страна на атентатор самоубиец пред влезот на луксузниот хотел Елит, соопштија полицијата и портпарол на сомалиската влада. Потоа најмалку петмина вооружени екстремисти се втурнале во зградата на четири ката. Следувала престрелка со безбедносните сили во траење од неколку часа.
Во нападот се убиени најмалку 15 лица, меѓу кои и сите петмина напаѓачи. Меѓу жртвите, како што се вели од полициски извори, има и вработени во владата, припадници на службата за обезбедување на хотелот и цивили. Бројот на повредени е голем, изјави шефот на локалната амбуланта.
Одговорност за нападот презеде исламистичката милиција Ал Шабаб. Оваа терористичка група има врски со терористичката мрежа Ал Каеда и се бори против меѓународно признатата влада во Могадишу, притоа изведувајќи постојано напади во главниот град на Сомалија. Претседателот на земјата Мохамед Абдулахи Фармајо најостро го осуди нападот и оцени дека терористите сакаат да предизвикаат очај, но дека нема да успеат во сеењето страв.
Фундаменталистите во сиромашната земја на Рогот на Африка со години се борат за превласт и контролираат големи делови од југот и централниот дел на земјата. Владата во својата борба против Ал шабаб има поддршка од американската армија и трупи на Африканската Унија.