1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Терористи на РАФ наскоро на слобода?

Зоран Јордановски23 јануари 2007

Политичка дебата во Германија: милост за терористите на Фракцијата на Црвената армија - за или против? Законски нема дилеми

https://p.dw.com/p/AdQw
Бригите Монхаупт
Бригите МонхауптФотографија: AP

Можат ли терористи осудени за најтешки дела и на највисоки можни казни да се надеваат на помилување, дури и ако не покажале каење за злоделата што ги сториле? Со оваа дилема се конфронтира германската јавност деновиве, токму во време кога се навршуваат 30 години од кулминацијата на злосторствата на некогашната терористичка група Фракција на Црвената армија.

Сојузниот јавен обвинител Валтер Хембергер вчера објави: “Денеска побарав на крајот на март условно да биде суспендиран остатокот од казната доживотен затвор на осудената Монхаупт”.

На 26-ти март се навршуваат 24 години откако 57-годишната Бригите Монхаупт е в затвор. Осудена беше на пет казни доживотен затвор како припадник на групата РАФ - Фракција на Црвената армија, која со својот терор сееше страв во 70-тите и осумдесеттите години.

Цел на РАФ, како што формулираа основачите Андреас Бадер и Улрике Мајнхоф, беше “вооружена борба” против “империјалистичкиот систем” на Сојузната Република, против НАТО и “воено-индустрискиот комплекс”. Апсењето на Бадер и Мајнхоф во 1972-ра година, по серија бомбашки експлозии и подметнати пожари, ја парализира РАФ.

Цел на втората генерација терористи на РАФ, која тогаш стапи на сцена и чии предводници беа Бригите Монхаупт и Кристијан Клар, покрај другото беше ослободување на водачите на првата.

Во 1975-та година не им успеа обидот да го изнудат тоа со напад врз германската амбасада во Стокхолм, при што беа убиени двајца дипломати.

Две години подоцна уследи серија убиства – на генералниот сојузен обвинител Зигфрид Бубак и двајца придружници, на шефот на Дрезднер Банк Јирген Понто и на 4 лица есента при грабнувањето на претседателот на здружението на работодавците Ханс-Мартин Шлаер во Келн. Терористите предводени од Бригите Монтхаупт бараа ослободување од затвор на 11 нивни соистомисленици во замена за Шлаер.

Сојузната влада остана непопустлива, дури и кога палестински терористи киднапираа германски авион како поддршка за барањата на грабнувачите на индустријалецот Шлаер. Германски командоси по пет дена го ослободија авионот, Шлаер утредента беше ликвидиран од терористите, а во затворот во Штутгарт се самоубија Андреас Бадер и уште двајца членови на првата генерација на РАФ.

По апсењето на водачите на втората генерација, во втората половина на 80-тите години третата генерација терористи на РАФ ги уби менаџерот на Сименс Карл-Хајнц Бекурц и на Дојче Банк Алфред Херхаузен.

Фракцијата на Црвената армија, која никогаш не успеа да го придобие германското население на своја страна, во 1992-ра година најави привремен прекин на напади врз претставници на стопанството и на државата, а шест години подоцна го објави и своето распуштање. Во повеќе од 20-годишната историја на германскиот тероризам беа убиени најмалку 30 лица.

Бригите Монхаупт беше уапсена во март 1983-та година, а осудена две години подоцна. Наскоро веројатно ќе се најде на слобода. Барањето на јавниот обвинител предизвика политичка дебата во Германија. Поранешните сојузни министри, либералите Клаус Кинкел и Герхард Баум, се изјаснија за пуштање на слобода на Монтхауп и на Клар, како и поранешниот претседател на Бундестагот, социјалдемократот Волфганг Тирзе. Слично мислат и политичари на Зелените и на Левичарската партија. ЦСУ е против, а демохристијаните ослободувањето го поврзуваат со покајување и откажување од тероризам. За членовите на семејствата на убиените ослободувањето не доаѓа предвид.

Законски, пак, нема многу дилеми: “Сојузниот уставен суд пропиша дека и на луѓе што сториле најтешки дела и се осудени на доживотен затвор, кога и да е треба да им се даде шанса да се најдат на слобода, но само ако тие веќе не претставуваат опасност за заедницата” – вели Генералниот јавен обвинител Клаус Пфлигер.

Според законот тоа е можно најрано по 15 години поминати в затвор. Ако судот констатира дека вината на осудените има посебна тежина, тогаш поставува повисок праг. Во случајот на Бригите Монхаупт го подигнаа на 24 години, кај Кристијан Клар на 26, така што тој би излегол на слобода во 2009-та година. Порано ослободување е можно само со акт на помилување од страна на сојузниот претседател.

Досега беа помилувани осуммина припадници на РАФ, што во јавноста беше проследено со различни реакции. Евентуалното помилување на сега 54-годишниот Клар е спорно, оти тој – за разлика од другите – јавно не покажа каење за сторените убиства.