1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Театарот - полигон за пресметка со неистомислениците?

Свето Тоевски25 јули 2015

Колку на репертоарите на македонските театри се поставуваат драмски дела со теми од македонското секојдневие? Дали театрите барем понекогаш низ „соодветна диоптрија“ фрлаат критички поглед на општествената реалност?

https://p.dw.com/p/1G4WZ
Фотографија: DW

„ .... задачата на играта, на глумата, на почетокот и сега, била и е да претставува 'огледало на природата': на доблеста да и‘ го покаже сопственото лице, на порокот неговата родена слика, а на сегашното поколение и на светот да му го покаже неговиот облик и отпечаток.“

Ова го има кажано уште пред 415 години Вилијам Шекспир во својата трагедија „Хамлет“, посочувајќи на улогата и значењето на театарот и на едно драмско дело. Шекспир, како еден од најголемите драматурзи на сите времиња, нагласува дека „драмата треба да биде еден вид вистина, а не само забава“. Тој инсистира дека театарот е „огледало и на општеството“ со своја морална функција и критичка улога во тоа општество. Колку овие „завештанија“ на Шекспир до сите драматурзи и театарски дејци во светот во вековите по него наоѓаат денес своја „плодна почва“ во македонскиот театар? Колку на репертоарите на македонските театри се поставуваат драмски дела со теми и мотиви и од македонското животно секојдневие, од сегашната реалност, во која македонските граѓани макотрпно „ги играат“ своите улоги во „театарот на животот“, кој романописецот Стале Попов инвентивно ќе го означи како „Крпен живот“?

Без идеја?

Маја Стевановиќ, експерт по драматургија од Факултетот за драмски уметности во Скопје, вели: „Она што го гледам се, главно, претстави без идеја зошто се направени, без потреба да се каже било што за нашата стварност. Тоа се некакви обиди за 'музејска реконструкција' на некое (претпоставено) далечно време.“

Драмскиот театар од Скопје во моментов на својот репертоар има 20-тина разновидни драмски претстави. Рубенс Муратовски, уметничкиот раководител на оваа театарска институција, за ДВ објаснува како се крои нејзиниот репертоар: „Секоја година на јавен оглас бараме тема, претстава, концепт од театарската класика, современ театарски текст, барем еден текст од домашната драматургија, затоа што без национална драматургија нема ниту национален театар. Бараме претстава наменета за деца и младинци, затоа што задојувањето со театар треба да започне рано, односно 'регрутираме' идна театарска публика и сите тие концепти, предлог - претстави во најголем дел да се потпрат на актерскиот кадар на 'Драмски'.“ Во овој момент се работат две нови претстави: 'Еригон' на Јордан Плевнеш и 'Сирано де Бержерак' на Ростан.“

Symbolbild Theater
Фотографија: picture-alliance/dpa

Васил Зафирчев, уметничкиот раководител на Велешкиот народен театар, се надоврзува: „Покрај хит - комедиите, кои се репертоарен фах на театарот, секоја година поставуваме и праизведба на текст од современата домашна, или странска драматургија, како и едно дело од класиката, или современата класика. Годинава го поставивме најпознатиот текст на Алфред Жари 'Крал Иби' во режија на Андреј Цветановски, со извонредниот Зоран Љутков во насловната улога. Токму овој текст на специфичен начин го преиспитува феноменот на власта и неменливоста на неговите социјални значења и вредности, не само сега и овде, туку секаде и секогаш во светот, што го прави овој текст универзален, секогаш актуелен и курентен и секогаш провокативен за театарска промисла.“

Стевановиќ: Театрите бегаат од горливите прашања

Дали македонските театри барем понекогаш низ „соодветна диоптрија“ фрлаат критички поглед на општествената реалност? Маја Стевановиќ одговара: „Се изнагледавме претстави за антички војсководци, кутри, последни, јуначки и обесправени Македонци... Во последниве десетина години луѓето сметаат дека најголем проблем се сиромаштијата, невработеноста, меѓуетничките проблеми, иселувањето на младите луѓе, бесмисленото трошење на јавните пари во проектот ’Скопје 2014’ ... Не можам да се сетам на претстава која барем се допира до некоја од овие теми. Ако ги прашате театрите, ќе ви кажат дека такви текстови нема или, барем, дека нема 'доволно добри' драми за да бидат поставени. Не е точно. Уште пред неколку години напишана е драма со наслов 'Споменикот' од драматургот Огнен Георгиевски. Насловот говори доволно за да нема потреба повеќе да се објаснува. Никогаш не е поставена – коментарите на режисерите биле дека е премногу 'дневнополитичка'. Во целава оваа приказна околу 'Скопје 2014' да не поставите текст во врска со тоа, кој сигурно ќе предизвика интерес кај публиката, мене тоа ми говори дека театрите бегаат од фрлањето поглед на горливите општествени прашања.“

Politik im Theater in Mazedonien
Маја СтевановиќФотографија: Privat

Муратовски: Важен е само професионализмот

Муратовски е категоричен дека во Драмскиот театар воопшто не се обрнува внимание на тоа од која политичка провиниенција се одделни актери или режисери, туку дека единствено е важен само професионализмот на „штиците што значат живот“: „Секој автор, режисер, својата претстава ја работи низ одредена 'диоптрија'. И тоа, барем за мене, е најубавото во театарот. Знам дека театарот не може да го смени светот… Да, можеме и мораме да се обидуваме и понатаму тоа да го правиме, но и после најгенијалната претстава повторно ќе има гладни деца, војни, обесправени ... Затоа мораме да бидеме критички настроени (со пораките во претставите) кон се‘ кое што е лошо, ретроградно. Барем во мојот театар никој никому му нема забрането да го искаже своето мислење, да има одредена 'диоптрија' кон некоја општествена ситуација. Па и во Драмски, а и во сите останати театарски куќи, постојано работат режисери, автори, актери од различна политичка провиниенција. И никому не му е забрането, сугерирано, потшепнато да го не го искаже својот став за било што заради ова или она, за да не дојде во судир со некого или нешто … или заради нечии интереси. Интересот на 'Драмски Театар' отсекогаш бил добрата претстава, врвниот уметнички чин, затоа што само така ќе останеме голем театар. Независно кој ја направил.“

Politik im Theater in Mazedonien
Oд претставата „Кралот Иби“ во изведба на Велешкиот народен театарФотографија: Privat

Некои од театарските дејци и актери тврдат дека одделни претстави што се на репертоарите на дел од театрите се реализираат во услови на „автоцензура кај оние што ги поставуваат, или ги изведуваат, со цел тие поединци да се вклопат во нечии интереси, главно, политички“. Затоа, ги прашавме нашите соговорници: дали постои слобода во уметничкото изразување во македонските театри? Муратовски истакнува: „Дали постои слобода на уметничко изразување? Зарем мислите дека сме Авганистан? Дали навистина некој смета дека не сме слободни? Во Драмски има претстави кои се и на 'едните' и на 'другите' (колку и да звучи одвратно 'едните и другите') и 'Драмски' е среќен што е така. Единствениот услов да бидеш дел од овој театар е квалитетот и ништо друго. Квалитет се бара на јавен оглас, при што секој може да поднесе предлог за претстава.“

Театарот како колетарална штета на општествените состојби

Стевановиќ има сосема поинакво мислење: „Ако демократските процеси во една земја се движат со 'крупни чекори наназад', ако живееме во држава во која сите институции, вклучително и пазарот, се 'киднапирани' од партиите на власт, како можеме да очекуваме нешто друго во театарот? Како можеме да очекуваме театарот да биде простор на слободно изразување на креативноста, кога се сериозно нарушени еднаквоста пред законот, кога се загрозени слободата на медиумите и на изразувањето, слободата на политичката и верската определба, без последици?!“

Politik im Theater in Mazedonien SCHLECHTE QUALITÄT
Игор Бачовски: Театарот секогаш бил и ќе биде коректив на властаФотографија: Privat

Таа го тврди и следново: „Директори на театри ја бранат државата од сопствените граѓани; директори на театри издаваат наредби на вработените за учество на митинзи и контрапротести; најиграните драмски автори во Македонија во последниве години се режисери и писатели кои се апологети и бранители на партијата на власт, режисери кои најмногу работат се оние што ги режираат митинзите на партијата на власт и државните прослави, плус се директори на театри и по некој фестивал, останатите прават претстави кои никого нема да засегнат, или бегаат во уметност сама за себе, а не заради публика. Раководствата на театрите се директни извршители на политиките на оваа власт. Како тогаш може да се очекува едно неслободно раководство да допушти, или да негува слобода во уметничкото изразување и критички поглед кон стварноста?!“

Зафирчев: Смешни се обидите за создавање лажнополитички ангажиран театар

Зафирчев говори за постоење „лажнополитички ангажиран театар“, појаснувајќи: „Театарот во општеството има третман како медиум кој промислува, кој третира или коментира актуелни прашања и состојби и следствено на тоа го обликува, или го менува јавното мислење. Во отсуство на вистинска независна продукција и пазарна уметност, смешни и несериозни ми се обидите за создавање 'лажнополитички ангажиран театар', зашто и за неговото создавање повторно се бараат пари од државата. Почести се таквите обиди кои се насочени против актуелната власт отколку обидите за нејзино промовирање и афирмирање. Меѓутоа, уметноста на театарот е и мора да биде чин на креативна слобода.“

„Братство Султан Сулејман“ во последниве пет години претставува успешен театарски проект на аматерското Драмско студио во Тетово. Овие аматери - актери на специфичен комичен начин ги жигосуваа девијантните појави во општеството. Игор Бачовски, режисер и актер во ова аматерско Драмско студио ја открива нивната „уметничка формула на работење“: „ Низ нашите претстави секогаш сме говореле за проблемите, аномалиите низ кои се среќаваме во животот и не сме имале проблем со слободата на уметничкото изразување. Проговоривме за прислушувањето како опшествена параноја многу години пред да се отвори оваа афера, за прислушувањето не само како феномен на оној што е на власт. Театарот секогаш бил и ќе биде коректив на власта.“