Тајфунот Мангкут беснее во јужна Кина
17 септември 2018Тајфунот Мангхут стигна до јужното крајбрежје на Кина, и таму, според наводи на новинските агенции, загинале најмалку две лица. На Филипините, каде што невремето претходно беснееше, бројот на жртвите се искачи на најмалку 65 - а се стравува дека тој ќе порасне поради опасните одрони на земјиштето.
Повеќе од 2,4 милиони луѓе се евакуирани во јужната кинеска провинција Гуангдонг. Тајфунот стигна до кинеското копно вчеравечер (по локално време) со поројни дождови и ветер со брзина од околу 160 километри на час. Според државните кинески медиуми, на некои места имало бранови повисоки од три метри. На речиси 50.000 рибарски бродови им е наредено да се вратат назад до нивните пристаништа.
Штети и повредени во Хонгконг и во Макао
Милионската метропола Хонг Конг со часови беше држена во костец од страна на супер-тајфунот: телевизиските станици прикажаа слики на поплавени улици и обилни дождови што го погодија градот. Силниот ветер корнеше дрва, кршеше прозорци и и уриваше скелиња од бамбус, па дури и еден градежен кран. Според очевидци, повеќе облакодери дури и се нишале под налетот на Мангкут.
Во соседната коцкарска метропола во Макао, за првпат во историјата казината беа затворени по наредба на властите. Новинските агенции јавуваат за 15 повредени лица.
Стотици летови беа откажани во овие две специјални административни области и во соседните кинески провинции. Експресните возови и други железнички врски во кинеските провинции Гуангдонг и Хаинан, исто така, мораа да запрат со работа.
Флоренс го поплави истокот на САД
Во меѓувреме, на другиот крај на светот, тропската бура Флоренс продолжува да ги држи во костец сојузните држави на источниот брег на САД. Големи делови се под вода поради екстремно поројните врнежи и големите бранови предизвикани од бурата. Метеоролозите предупредуваат од натамошни поројни дождови. Бројот на жртвите во налетот на Флоренс се зголеми на најмалку 17.