Тајните служби ги загрозуваат човековите права
11 март 2009Ова е прв документ на ОН, кој критички ја набљудува улогата на тајните служби во меѓународната борба против тероризмот, истакна вчера пред Одборот на ОН за човекови права, специјалниот известувач Мартин Шајнин. „Овој извештај за прв пат се занимава со ова многу тешко и чувствително подрачје на работата на тајните служби. Тоа е многу важна тема, бидејќи тајните служби спроведуваат и определуваат голем дел од мерките за борба против тероризмот.“ Професорот по меѓународно право од Финска по име ги критикува Кина, Русија, Пакистан, Алжир и Мароко. А меѓу западните демократии опомена добија САД, Велика Британија и Германија, како и други членки на ЕУ.
Пресврт по атентатите од 2001
Според неговиот извештај, од терористичките напади врз САД од 2001 година, во речиси сите земји членки на ООН тајните служби презеле задачи и надлежности, што претходно им припаѓале на полицијата и државните иследни органи - меѓу другото собирање лични податоци за граѓаните, надзор, апсење, затворање и сослушување. Сите овие мерки претставуваат делумно и тешки прекршоци на правото на приватна сфера на граѓаните, како и други темелни човекови права и слободи. Нивната заштита е меѓународно правно регулирана со т.н. „цивилен пакт“ на ООН од 1966 година и други меѓународни конвенции.
Во речиси ниту една земја пренесувањето на надлежностите од државните органи врз тајните служби не е законски регулирано и прилагодено на почитувањето на нормите на меѓународното право. Тајните служби освен тоа не подлежат на ефикасен надзор и контрола од страна на владата, парламентот и правосудните органи, заклучува известувачот Мартин Шајнин. „Има посебно големи проблеми, бидејќи тајните служби во голем број земји се држава во држава. Тие самите се управуваат и подлежат на многу ограничена контрола. Тоа води кон често прикривање на спорните методи на тајните служби од страна на владите или пак нивно дистанцирање, како ништо да не знаеле.“
Меѓународна размена на изнудени информации
Мартин Шајнин согледува уште еден проблем - меѓународната соработка на тајните служби, која не е регулирана во националните законодавства: „Националните механизми на контрола често се покажуваат како неефикасни кога станува збор за меѓународна размена на информации меѓу тајните служби. Така се јавува проблемот на посредување информации што биле изнудени по пат на измачување.“
Поради сето ова Мартин Шајнин бара од земјите членки на ОН законски да го регулираат работењето на тајните служби и да ги подложат на систематска контрола од страна на легитимираните институции на системот на правната држава.