1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тадиќ:има шанса за компромис за Косово до декември

25 септември 2007

Белград е во дипломатска офанзива за Косо во во ОН во Њујорк. Шефицата на американската дипломатија Рајс – категорична – само независно Косово може да донесе стабилност на Балканот.

https://p.dw.com/p/BjPS
Борис ТадиќФотографија: AP

Српскиот претседател Борис Тадиќ во Њујорк изјави дека претстојните директни преговори меѓу Белград и Приштина се нова шанса за постигнување компромисно решение за Косово и тоа до поставениот рок во декември.

”Не чекаат сериозни разговори, сериозни преговори и верувам дека на 28 септември ќе отвориме и некои до сега неотворени прашања. Затоа сметам дека имаме шанса да пронајдеме компромис до 10 декември”, изјави Тадиќ.

Тој додава дека на сите разговори кои ги водат во Њујорк - на агендата има планирано средби со над 30 делегации - ќе се претставува единствена заедничка политика.

“Секако нема да дозволиме да се довде во прашање територијалниот интегритет и суверенитет на нашата земја. Ќе понудиме максимално компромисни решенија кои според мене се прифатливи и за косовската страна”, нагласи Тадиќ.

Јеремиќ: пред нас е тешка дипломатска задача

Претседателот потврдува дека српската делегација во Њујорк е во силна дипломатска офанзива, за уште еднаш да го престават својот став. Шефот на српската дипломатија Вук Јеремиќ изјави дека е задоволен од разбирањето на кое наидува српската делегација во досегашните средби:

"Доминантен тон во овој момент е загриженоста. И тоа е добро, бидејќи сега кај поголемиот дел од инволвираните страни, постои заинтересираност, што до сега ја немаше, околу тоа како Србија ја гледа иднината на Косово. Многумина кои до сега не сакаа да слушнат за нашето компромисно решение, сега ги интересира што е компромисот за Белград. Ова е момент кој мора да го искористиме. Пред нас е тешка дипломатска задача”.

Рајс: само независно Косово ќе го стабилизира Балканот

Американската министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс пак смета дека “само независност на Косово може да му донесе стабилност на Балканот”. Според неа Европа би требало да му се придружи на САД во поддршката за статусот на српската покраина.

Во интервју за агенцијата Ројтерс таа вели дека преговорите кои ги води меѓународната посредничка Тројка, имаат шанса да постигнат “пријателски исход” дури и ако Белград и Приштина не постигнат компромис.

“Но, Косово ќе биде независно. Ние сме посветени на оваа цел. Тоа е единственото решение кое има потенцијал да донесе стабилизација на Балканот наместо дестабилизација”, изјави Рајс.

Таа е загрижена поради тоа што ниту една страна не сака сериозно да преговара, поради тоа што Србија е уверена во руско вето на резолуција којашто би признала независност на Косово, додека косовските Албанци чуствуваат дека може да сметаат на американско признавање на еднострано прогласена независност.

“Им кажавме на косовските претставници дека според нас еднострано прогласена независност не е добра идеа”, рече Рајс.

На прашањето кога очекува да биде одреден конечниот статус на Косово, таа вели дека за тоа е потребна соработка меѓу САД и Европа.

“Европејците, знаат дека Балканот е сепак многу поблизок до Европа отколку до САД и ако им е потребен стабилен Балкан, мора да донесат тешка одлука и да го направат вистинскиот потег”, рече Рајс во интервју за агенцијата Ројтерс.