1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина: Што да се прави со Пушкин и Чајковски?

БГ /АФП
26 мај 2022

Бесни поради воената инвазија која им донесе пустош и стрaдања, Украинците забрзано бришат сѐ што ги потсетува на соседот-агресор. Но, се јавуваат и многу дилеми. На пример, што да се прави со уметниците и писателите?

https://p.dw.com/p/4BsHN
Ukraine-Krieg Charkiw | zerstörtes Bürogebäude
Фотографија: Kyodo/picture alliance

Пред војната се нарекуваше „Московска авенија“. Но сега, овој широк булевар кој минува низ вториот најголем град во Украина е преименуван во „Хероите на Харков“ во чест на оние кои се борат против руската инвазија.

„Тука во Харков нема место за авенија именувана по главниот град на окупатор кој ги убива нашите луѓе“, го објаснува студентот по уметност Евхен Девиатка, преименувањето. 

Харков веќе преименува три улици и урна статуа на Александер Невски- средновековниот руски херој славен за неговите воени победи. Со текот на времето, планирана е промена на имињата на повеќе од 200 улици или плоштади.  

Со местоположба на само 50 километри од руската граница, Харков беше меѓу првите мети на руската агресија која започна на 24 февруари. Градот беше безмилосно бомбардиран со недели, но на крајот украинските сили успеаја да ги одбијат агресорите. 

„Имињата се поврзани со одредени нации или земја. Сите можеме да видиме што и се прави на нашата земја. Затоа, сѐ што е руско мора да се избрише“, вели 59-годишниот инженер Лариса Васиљченко. 

Десетици мртви и повредени цивили во руски ракетен напад врз Харков

Според Јури Сидоренко, портпарол на општинската власт во Харков, „дојдено е времето“ за таква промена. 

„Руските топоними, имињата на плоштади, улици и градови, мора да расчистиме: тие нема повеќе да бидат на картата на Харков“. Сепак, градските власти не брзаат со промените. „Многу имиња се во прашање, не можам да кажам колку точно затоа што тоа мора да го одлучат властите заедно со граѓаните“, објаснува Сидоренко.  

А, и не е така едноставно како што се чини. 

Доколку промената на името на Московскиот плоштад или булеварот Белгород е лесно, другите промени не се така едноставни.  

Што со уметниците и писателите?  

Што е со оние места именувани по историски руски писатели или уметници кои немаат ништо со модерната историја на земјата?

„Тоа е империјалистичка култура. Русите ја наметнаа нивната култура, нивните писатели, сѐ“, ни вели еден минувач на улицата Пушкин кој не сакаше да се претстави. Иако вели дека нема ништо против рускиот поет Александер Пушкин, јасно е дека улицата била именувана според него „затоа што е Русин“. Оваа улица сега е украсена со графити на украинскиот уличен артист Гамлет, кој напишал „Британска улица“ под неколку табли со старото име. 

Ukraine | Eindrücke aus Charkiw
Жителка на Харков носи кеси со храна низ разурнатиот градФотографија: Dimitar Dilkoff/AFP/Getty Images

На, сега веќе, поранешната Московска авенија, локалната трговка Јулија Бутенко ги објаснува компликациите со кои е соочена во одлуката што и како да се менува.

На пример, познатиот руски писател Николај Гогољ, кој е обожуван во обете земји. „Тој пишувал за Украина, но на руски“, вели таа. 

Истото важи и за Михаил Булгаков, руски писател роден во Киев. „Ви велам дека е компликувано“.

Што се однесува до Чајковски, најпознатиот руски композитор, „тој не и сторил ништо лошо на Украина, но сепак е дел од руската култура“.

Дилемите се префрлаат и на секојдневниот живот. „Не купив еден вид кашкавал денеска, затоа што се уште го нарекуваат 'руско сирење“, вели Бутенко.

„Сѐ е толку двосмислено. Загрижена сум за 'Пушкиновата улица' затоа што ми се допаѓа Пушкин, но ќе прифатам и ако ја преименуваат“.