1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судбината на Косово во фокусот

9 јули 2007

Застојот во преговорите околу конечниот статус на Косово денеска ги преокупира и коментаторите на германските весници.

https://p.dw.com/p/BE4p
Мостот во Косовска Митровица: ќе стане ли симбол на поделбата?Фотографија: DW/Sand

Угледниот “Франкфуртер Алгемајне“ денеска донесува статија за самитот за безбедносни прашања на земјите од ЈИЕ што на викендот се одржа во Дубровник. И таму беше Косово неизбежна тема:

“Судбината на Косово е наразјаснета, но не може таква да остане на подолг рок. Предлогот на посредникот Марти Ахтисари за надгледувана независност наидува на отпор од Србија, но и од Русија. Генералниот секретар на НАТО Јап де хоп Шефер на конференцијата опомена да се одбегнат непотребни одложувања. А надлежниот за европски прашања во американскиот Стејт департмент, Даниел Фрид, порача дека Вашингтон и натаму ќе се ангажира за донесување соодветна резолуција за Косово. Но, темата според него мора да биде затворена најдоцна неколку недели пред самитот на НАТО во Букурешт наредната година. Со други зборови: трпението на Американците има граници. Со предизвикот Косово мора веднаш да се соочиме, порача Фрид, мислејќи на Русија, но и на некои европски партнери кои се подготвени да го земат предвид рускиот став.

Додека некои сметаат дека по прашањето на Косово мора да дојде до конфронтација меѓу САД и Русија, домаќинот на самитот во Дубровник, хрватскиот премиер Иво Санадер, манифестираше оптимизам што се однесува до сложноста на атлантските партнери. “Оптимист сум дека ЕУ и САД ќе најдат заедничка линија по тоа прашање“ - нагласи Санадер. Но, веќе со следниот апел за зачувување на единството внатре во ЕУ тој јасно стави на знаење оти му е јасно колкав потенцијал за поделби содржи косовското прашање“ - читаме во статијата на “Франкфуртер алгемајне.“

И неделникот “Шпигел“ во денешното издание донесува помала статија во рубриката “Панорама“ посветена на Косово. Во статијата со наслов “Оставени на цедило“ читаме:

“Стотици ракети за огномет чекаат веќе подготвени. Исто така и повеќе од 2.000 предлози за знамето на идната држава. Само едно нешто им недостасува на косовските Албанци за големото славје. Имено, независноста! Таа, пак, се помести во далечната иднина откако американскиот и рускиот претседател Џорџ Буш и Владимир Путин на средбата во САД не постигнаа согласност околу идниот статус на покраината. Русија и Србија отфрлаат категорично независност на Косово. Со тоа станува поверојатно еднострано прогласување независност од страна на Парламентот во Приштина. “Не само Косово, туку и цела Европа стана заложник на Русија“ - се жали косовскиот публицист Ветон Сурои. “Се чувствуваме оставени на цедило“ - вели тој.

Незадоволството расте и во ЕУ: доколку Русија и понатаму блокира ЕУ ќе донесе одговорна одлука на своја рака, се слушна од Брисел. Набљудувачите претпоставуваат дека ЕУ би можела да спроведе забрзано преземање на улогата од Управата на ОН за Косово. Тогаш ОН би ја предале веројатно и одговорноста за Косово. Во меѓувреме српската влада бара сменување на досегашниот посредник на ОН за Косово Марти Ахтисари. Белград шпекулира за поделба на Косово или барем за делумнна автономија за северот на покраината, во кој живеат доминатно Срби“ - се вели на крајот од статијата во неделникот “Шпигел.“