1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студентите повторно во акција

Костадин Делимитов10 декември 2015

Една година по големиот марш, студентите повторно го креваат гласот. На власта одамна и дадоа црвен картон но нема да ја ослободат од притисокот да ги добијат своите права.

https://p.dw.com/p/1HL6X
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Наместо марширање по булеварите- забава, музика, песни, дебати, уметнички перформанси. Една година по големиот протестен марш студентите повторно се во акција. Незадоволни од актуелните состојби борбата за своите права и подостоинствен студентски живот ја продолжуваат преку еден алтернативен начин на израз за своите потреби како движечка сила во општеството:

„Ова е прв студентски фестивал наречен „Ад хок фестивал“ со пораката „Случајна реакција на конкретна ситуација“. Ќе има музичка агенда која ќе пропагира интересна музика, а на сите факултети ќе се одржуваат различни работилници поврзани со сите теми кои ги засегаат студентите. Досега одевме директно преку говори и пораки, но сега сакаме преку еден алтернативен начин да испратиме порака дека може и да се забавуваме додека го правиме ова. Пораката ќе биде низ целиот фестивал на еден покреативен начин, а не како досега. Работилниците сами ги организираат студентите на сите факултети. Очекуваме и се надеваме дека овој нов начин ќе предизвика големо внимание и властите ќе разберат и слушнат каква е нашата порака, но доколку ништо од ова не се испочитува подготвени сме на натамошна акција“, изјави за Дојче веле студентката Деа Здравковска еден од организаторите на манифестацијата.

Mazedonien Studierende in Skopje Proteste
Фотографија: DW/K. Blazevska

„Видовме дека нема некоја поголема измена околу состојбите на студентите кои што постоеа и пред да се донесе спорниот закон за високо образование. Ние реагиравме генерално во однос на законот кој подоцна беше ставен под мораториум, но тоа не значи дека нема и други проблеми. Оттаму и мотивот за активности вон факултетите. Едно од нашите клучни барања, паралелно со изготвувањето на ново законско решение од кое не отстапуваме, е да обезбедиме и студентска репрезентативност. Ние имаме студентски парламент чиј претседател е со истечен мандат. Изборите се распишани, но сакаме да издејствуваме промени во оваа насока бидејќи еве веќе 24 години имаме парламент од кој што нема големо задоволство. Но за да се постигне тоа по институционален пат треба сите студенти тоа да го разберат и да го демонстрираат. Потребни се промени во легислативата, но и активности и ангажман од страна на ресорното министерство и универзитетот. Паралелно инсистираме и на подобрување на студентскиот стандард од секој аспект. Знаеме какви се студентските домови, со исклучок на еден блок во Гоце Делчев во неколку децении тие се прилично недопрени“, вели за Дојче веле Константин Битраков од Студентскиот пленум.

Studentenproteste in Skopje, Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Актуелниот општествен политички контекст не ги демотивира студентските активисти туку напротив. Иако во дел маргинализирани, дискредитирани, оцрнувани чувствуваат потреба да бидат активни не само во делот на борбата за сопствените права туку и пошироко во општеството. На власта велат одамна и доделиле црвен картон, но тоа не значи дека и ќе ја поштедат од притисокот во наредниот период:

„Еве ќе ви кажам зошто оваа власт не ја сметаме повеќе за партнер. Па видете само како се претставува во јавноста една работа која студентите ја бараат дваесетина години, онаа со беспплатниот превоз. Немојте да ме разберете погрешно, ние не сме против ваквата мерка која ја има во огромен број земји туку напротив. Но иритита фактот што тоа се презентира во речиси сите медиуми како една владина милостина кон нас. Ниеден министер ниту премиерот нема да ја даде својата плата за таа намена, тоа се пари кои што се од граѓаните преку нивните давачки. Тоа сакаме да го кажеме, да испратиме порака дека за обични работи што ни следуваат не треба постојано некој да нагласува и потенцитра дека тој тоа го направил. Тоа едноставно нас ни припаѓа. Дополнително иритира што не само ние како студенти, туку сите млади но и повозрасни со прогресивни мисли и идеи се дискредитираат и обележуваат со добро познатите методи кои ги гледаме еве веќе една деценија. Но веќе тоа не изненадува никого. Ние мислам дека досега доволно сме демонстрирале и докажале дека не сме дел од ниту една политичка опција и тоа така и ќе остане. Затоа велам дека тоа што се случува за нас не е демотивација туку напротив мотив да продолжиме со активностите со ист интензитет. Кој и да дојде на власт ние не се откажуваме бидејќи нашите проблеми се реални и ќе бараме решенија за ни“, вели Битраков.

Studentenproteste in Skopje, Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Преку тридневната Ад хок манифестација студентите го креваат својот глас не само поради понижениот стандард, нарушената автономија, промените во репрезентативноста, туку и плановите за барокизација на универзитетскиот кампус. Проектот за издигнување на овие објекти од „Скопје 2014“ за студентите е проблематичен како што велат од повеќе причини: „Првично, според наши сознанија, Сенатот никогаш не донесол одлука за воопшто градење на нови објекти во склоп на кампусот при УКИМ. Со тоа сметаме дека наметнатата одлука за изградба на овие објекти е своевиден упад во автономијата. Второ, самата локација е проблематична, затоа што овој кампус веќе има проблеми со бројот на студенти. Исто така, проблематичен е изборот на барокниот стил“, истакнуваат од Студентскиот пленум.