1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Странците очекуваат барем насмевка од охриѓани

Милчо Јованоски6 август 2014

Во Охрид бројот на странските туристи расте, а домашните ги има сѐ помалку. Анализите покажуваат дека причина се високите цени и неадекватната услуга, а за странците бучавата е најголем проблем.

https://p.dw.com/p/1CpPL
Mazedonien Ohrid mit Festung über der Stadt
Фотографија: Fotolia/Image Source IS2

Старата охридска чаршија и кафулињата на плоштадот се барометар дали Охрид е полн со гости или не. „Оваа сезона не е лоша, само што поради незапамтеното студено време среде лето, проблемите се подлабоки и системски. Државата се насочи кон странците од Европа ги субвенционира авионските летови и аранжманите, а заборави на гостите од соседството и особено на домашните гости“, вели еден угостител кој долго е во тој бизнис.

Во меѓувреме на плоштадот „Свети Климент Охридски“ се разминуваат неколку групи странци со водичи кои им ја раскажуваат богатата историја на градот. Во еден миг се мешаат холандскиот, турскиот и полскиот јазик. Гостите од овие земји и според статистиката се најбројни во Охрид. На пристаништето еден од бродовите полн со туристи од Полска тргнува за Свети Наум. Лидија од Варшава не ги штеди епитетите кога е во прашање Македонија, вели: „Овде е преубаво. Климата, градот, сместувањето и најмногу храната. Засега немаме забелешки. Дојдовме да уживаме и тоа добро ни оди“.

На Холанѓаните најмногу им пречи бучавата ноќе

Мариен е од Холандија вели: „ Амбиентот е многу добар. Охрид е убав и мал град, секаде се стигнува за кусо време. Јадењето е многу вкусно, но обилно за нашите луѓе. Особено ги сакаме македонските традиционални јадења.Се случува во една година исти туристи да дојдат тука по два до три пати. Единствено ни пречи преголемата бучава доцна во ноќта која често не остава без сон.“ Таа отворено вели дека за гостите од Холандија на прво место зошто го одбираат Охрид е поволната цена на аранжманите кои вклучуваат и повратен авионски билет. Македонија за нас е пријателска земја и е доста евтино. Гледаме кога градот ќе се наполни цените на услугите растат. Не треба да е така. Доколку нешто на Холанѓаните не им се допадне сигурно следниот пат ќе летуваат на друго место. Пред да се вратат во Охрид, Холанѓаните најмногу ги имало во Турција и Шпанија, па во Грција, Египет и Тунис.

Schiffe in Ohrid Mazedonien
Фотографија: DW/M. Jovanoski

Роберто Велевски ко-сопственик на туристичката агенција „Охрид Холидејс“ вели дека годинава само преку нив во хотели и приватно апартманско сместување во Охрид ќе дојдат над 10 илјади Холанѓани. Неговата агенција е главен застапник за познатата туристичка агенција ТУИ и работат на пазарот во Холандија и Белгија. „Седум дена со вклучен повратен авионски билет, ноќевање и појадок еден Холанѓанец во Охрид ќе го чини само 250 евра, а среде лето истиот аранжман е од 450 до 550 евра, зависно од сместувањето. „Потребно е луѓето во услужните дејности и туризмот да го подобрат својот однос кон странците, да го напуштат домашниот менталитет. Во анонимните анкети туристите бараат подобра услуга по хотелите, такси службите и слично. Тоа се ситни недостатоци кои мора да се надминат ако сакаме да имаме туристи“, додава Велески. Охрид изобилува со различни категории сместување. Има луксузни апартмани, но и легло за луѓето со плиток џеб. Но Македонците последниве години ги има се' помалку и се' покусо. Најмногу до пет дена. Тие што имаат можност летуваат на море во Грција, Албанија и Турција. Во центарот на градот нападните чекачи ги нема во групи како порано поради зачестените контроли на локалната власт, решена да ја искорени оваа појава. Тие се преселија на приодите кон градот. Ретките кои очајно молат со погледот да отседнете кај нив ни велат: „Жално е што гостите од Србија ги има се' помалку. Тие во Охрид важат за најдобри туристи и потрошувачи.“

Турците се жалат на сместувањето

Последниве години откако турски ТАВ ги презеде македонските аеродроми Турците се најбројни и најчести гости во Охрид. Акин Сезер преку сопствената туристичка агенција „Пеликан травел “ е туристички и економски промотор на Општина Охрид во Турција. „ На разни начини се обидувам да ја продадам приказната за Македонија и Охрид во Турција. Претходно во Истанбул имав своја агенција, еве сега живеам тука, не е лошо. Сепак сметам дека на полето на туризмот има уште многу нешта што треба да се средат. Вон сезона во Македонија и најчесто во Охрид дневно има по 25 автобуси, а во лето нивниот број е помал се движи до 10 автобуси, кои доаѓаат од Турција. Најчесто тоа се кружни тури по Балканот. Турците овде ги влече климата, минатото и историјата и по бавното темпо на живот. Затоа доаѓањето тука во лето го избегнуваат. Сезер отворено ги нотира негативностите кои можат Турците да ги одбијат од идно доаѓање во Охрид и Македонија. „Им пречат несоодветните туристички водичи, квалитетот на услугите и најмногу од се’ сместувањето. При резервацијата станоиздавачите ви покажуваат вили и комплекс од апартмани, а потоа гостите ги шетаат на неколку локации. Гостите уморни од патот се среќаваат и со тој проблем. Општината мора да воведе ред во тој поглед“, дециден е Сезер. Нему лично му пречи што цехот од сезоната го плаќаат жителите на Охрид. На гостите од Турција, а сигурно и на гостите од други дестинации им пречи тоа што едно им се нуди на Интернет, а кога ќе дојдат услугата и сместувањето се сосема други. Цените за странците и домашното население се исти и подложни на дневен пораст. Поради високите цени во охридските хотели гостите од Турција тој е принуден да ги сместува во хотели надвор од градот или во Струга.

Mazedonien Ohrid Sveta Sofija
Црквата Света СофијаФотографија: DW

Согласни се сите дека на охридскиот туризам му недостига темелна и сериозна анализа на понудата и на квалитетот на услугите. Истовремено, кога туризмот е во прашање мора да се применуваат светските стандарди и градот да биде во тренд во оваа област која барем засега е единствен и најголем извор и за општинскиот буџет , но и буџетите на граѓаните. И препорака од странците до охриѓани : „Колку и да ви е тешко покажете поголема љубезност, насмевнете се!