1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Странците во Келн живеат како дома

15 март 2010

Наргиле, кимоно или звуците на еритрејскиот жичан инструмент Крар-ова се чини далeчно, но се наоѓа кај соседот. Во Келн живеат околу 170 нации. Фирмата „Културклингел“ организира патување низ светот во сопствениот град.

https://p.dw.com/p/MSuh
Во кимоноФотографија: DW

„Добредојдовте во Културклингел“, поздравува Анупама Смарцох на нејзиниот канада јазик - дијалект на индискиот. Индијката во Келн дошла пред многу години, без да знае ниту збор германски, затоа што се заљубила. Денес таа зборува течно германски и, покрај другото, соработува со основачот на фирмата „Културклингел“ Томас Бениг. Целта им е да им ја приближат индиската култура и традиција на своите германски сограѓани. Исто како и во нивната татковина, Индијците радо се здружуваат и во Келн. На Нојмаркт, во центарот на градот, на секој агол се наоѓаат индиски продавници, центри за јога или ајурведа-масажа. Иако 30-те илјади Индијци во Келн се поддржуваат едни со други, тие се отворени и за другите националности. „Кога со група ќе дојдеме пред врата и ќе речеме ’Здраво’, тука сме, секогаш не‘ покануваат да влеземе, ни‘ нудат чај и подготвени се да одговорат на нашите прашања и да се претстават. На ова гледаат како услуга за Германците, да ги информираат за животот на Индија,“ појаснува Томас Бениг.

Weltreise durch Köln
Индиецот Раџу во Калари-јога студиото во КелнФотографија: DW

Размена на култури

Неговата бизнис идеја - да им овозможи на Германците да фрлат поглед во животот на мигрантите, има јасна цел: подлабока размена на културите. Преку различни манифестации, како на пример „Патување низ светот“, „Турскиот Келн“ или „Колонија Латина“ треба да бидат надминати предрасудите кои постојат во однос на другите култури или луѓе со мигрантско потекло. Елке Бек, која беше на „Патување низ светот“ во Келн смета дека луѓето треба да се приближат меѓусебе: „Мислам дека е важно, дека не треба само мигрантите кои живеат во Германија да вложуваат напори да се вклопат, туку треба да се отвори и германското општество, и воопшто да им даде шанса да се вклопат. Тие се тука и тие се збогатување, само ако дозволиме.“

Weltreise durch Köln
Елке Бек со нејзината пријателка патуваат низ светот во КелнФотографија: DW

Интересот не недостасува, вели туристичкиот водич Бениг. Само во една тура има околу 50 учесници, а тие веднаш се распродаваат. Бениг нагласува дека луѓето се љубопитни и дискутираат за религијата, сакаат да дознаат повеќе за различните групи во Индија, радо слушаат музика во живо од Африка.

Weltreise durch Köln
Музичарите од Еритреа во ресторан во КелнФотографија: DW

И ги гледаат уметничките слики на Тунежанецот Рашид Алагуи. Уметникот со години патува на релација Тунис – Париз – Келн, каде се наоѓа неговото атеље. Во Келн собира инспирација, вели Алагуи, кој од се’ срце обработува една тема која е заштитен знак на градот: карневалот! „Не можам да си го замислам Келн без карневал, не можам да си го замислам Рашид без карневал, јас без карневал!“

Weltreise durch Köln
Уметникот Рашид АлагуиФотографија: DW

Културата е алката која поврзува во општеството и таа има огромна привлечна моќ, дополнува тој, бидејќи... „Културата не познава граници. Таа е како крв, која нема националност. Таа ги отвора портите и секој има респект пред неа, затоа што ние сме минливи, но културата останува да живее натаму.“

Патувањето низ домовите на мигрантите во Келн трае неколку часови, но тоа носи сознанија и разбирање, кои можат да поттикнат нова размена на културите!

Автор: Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска