1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Странските негувателите ќе профитираат од пандемијата?

Мадлен Пит
9 април 2021

Стотици илјади негуватели нелегално работат во Германија. Речиси сите се од источна Европа, скоро сите се жени. Реформа најавена од министерот за здравство би требало значително да ги подобри нивните услови за работа.

https://p.dw.com/p/3rixY
Pflege
Фотографија: Imago/Westend61

Без германски договор за работа, без германско социјално и здравствено осигурување, се плаќа во кеш и тоа не особено многу. Речиси 700 илјади жени од Полска, Словачка, Романија или Бугарија се ангажирани за нега на стари Германци и живеат во нивните домови. Без нив би дошло до криза за згрижување на постарите лица. Сепак повеќето од нив официјално не постојат. 

Според проценките, 90 отсто од домашната нега во Германија се одвива преку нелегален ангажман. Три четвртини од околу 4,1 милиони лица со потреба од нега сакаат да останат дома наместо да ги носат во домови. Тоа значи и дека побарувачката за домашна нега е огромна, но ниту една германска влада до сега немаше храброст да го регулира овој сектор. Затоа нелегалните агенции за посредување се и натаму многу поевтини од конкуренцијата, бидејќи ги заобиколуваат сите социјални давачки и не исплатуваат минимум загарантирана плата. „Моделот да се работи за некого во чија што куќа и живееш до сега не е регулиран во правната држава и затоа нема ни правна сигурност за жените негувателки од источна Европа", објаснува адвокатот Фредерик Зебом, прв човек на Здружението за домашна нега. 

Зебом нагласува дека непријавениот ангажман на едно лице и неплаќањето социјални давачки е кривично дело. Официјална статистика нема, но проценките се дека околу 300 илјади семејства кои ангажираат персонал во таа „сива зона” генерално се свесни дека го кршат законот. 

Нови правила на игра 

Реформата најавена од министерот Јенс Шпан „би можела да ја промени цела ситуација”, вели Зебом. Шпан ги претстави клучните точки во октомври 2020: „Негата е социјалното прашање на оваа деценија". Засега нема нацрт закон во Бундестагот, но работната верзија која доби зелено светло на 16.03.2021 предвидува признавање на домашната нега како регуларен модел за вработување. Тоа би било чекор во правец на регулација на секторот, иако и натаму ќе мора да се разработи правната основа. Австрија многу предничи во тој дел. Тамошниот „Закон за домашна нега" предвидува дека негувателите може да се пријават како самостојни вработени. Така е пријавена и Ана Тадржак, 50-годишна негувателка од Полска која нашла работа преку виенската агенција „Каритас нонстоп нега”. Таа работи на смени од две до четири недели. Потоа има исто толку долга пауза. 

Австрија за пример 

Ана вели дека таквиот концепт добро функционира бидејќи домашната нега подразбира да бидеш 24 часа на располагање. „Ако клиентот во ноќта пет пати те викне, ти пет пати стануваш да се погрижиш за него. Секој ден е различен", вели таа. И работата и обемот на обврски зависат од потребите и очекувањата на семејството што те ангажира: „Клиентите не сакаат само негуватели, туку и да готвиш, чистиш и пазариш. Некогаш ќе им дадеш прст и тие ја земаат цела рака и на крај немаш никаква приватна сфера."

Повеќе на темата:

Бугарска негувателка во Германија тужи поради експлоатација

Неизвесност за негувателите од БиХ по аферата со дипломите

Германија сака да обучува негуватели во Македонија

Нега на стари лица- за мала плата и навреди

Потешкотијата да се повлечат граници во однос на задачите и времето на ангажман доведува до тоа некои негуватели да станат жртви на експлоатација. Бизнис моделот на нелегалните агенции за посредување цвета од близината на Германија до ЕУ членки со пониски просечни примања, чии што граѓани имаат право на слободно движење. Агенции со седиште во Германија склучуваат партнерства со источноевропски агенции, кои го преземаат регрутирањето на работна сила и посредуваат за германските семејства, без притоа ангажираниот негувател да го пријават во локалните служби, да му регулираат здравствено осигурување или пак да ги проверат неговите квалификации. 

Од невидливи до системски релевантни работници 

„Корона-пандемијата ја наметна потребата од реформи“, вели Фредерик Зебом. Всушност наглото затворање на границите при првиот локдаун пролетта 2020 доведе до тоа негувателите од странство да не можат да дојдат кај своите пациенти во Германија. Како последица и нелегално ангажираните негуватели мораше да бидат признаени како системски релевантни. Парадоксот е што на крајот на краиштата државата беше таа што долго време замижуваше пред големиот број непријавени негуватели. 

Многу работа, мала плата

Исто така во првиот локдаун беше потребно на негувателите да им се обезбеди пристап до германскиот здравствен систем. Не само поради тоа што на дел од нив им беше потребно лекување од ковид, туку и поради тоа што без тест и вакцинирање би го ризикувале животот и на оние за кои се грижат, доколу ги заразат.

Итноста на реформите во секторот за негуватели поради корона-кризата е само дел од проблемот. И во Германија и во Австрија е поголема побарувачката за негуватели отколку понудата. „Во Австрија до 2030 година ќе недостасуваат меѓу 80.000 до 100.000 негуватели,“ вели Штефани Цолнер-Ридер од Каритас. „Австрискиот модел досега функционираше добро, но корона пандемијата ни покажа дека треба да се направи поотпорен,“ вели таа. 

Краткорочна криза, долгорочни трендови 

Германија има највисока стапка на лица над 65 години во ЕУ и релативно ниска стапка на наталитет (1,4 деца по жена), како и долг животен век (во просек 79 години кај мажи и 83 години кај жени) – ова придонесува ваквиот демографски тренд уште повеќе да се засили во следните години. Оттука прашањето за финансирањето на растечката потреба за нега се наметнува како итно. 

Актуелниот реформски предлог, во кој се предвидени мерки за зголемување на финансиската поддршка на оние зависни од нега, во Германија има политичко значење особено во светло на изборната кампања за изборите на есен која е во тек. Притисокот врз министерот за здравство Јенс Шпан да достави предлог закон во Бундестагот расте со секој ден. Иако би бил задоцнет за сегашниот мандат, Фредерик Зебом останува оптимист во врска со веројатноста од спроведување реформи во овој сектор бидејќи мнозинството партии се едногласни околу итната потреба за промени. 

Негувател: шанса да се остане во Германија

Предизвиците за финансирање на растечката потреба за нега се поврзани со прашањето како може да се спречи се повеќе негуватели да работат во „сивата зона“ и да не се влошуваат и понатаму условите за работа на негувателите. 

Работа од љубов

Со корона-кризата не само што дојде до израз ранливоста на секторот на негуватели, туку се истакна и важноста на медицинската нега и клучната улога на источноевропските жени кои претежно ја работат оваа работа. Реформа на системот во Германија може да доведе до промена на перцепцијата за важноста на таквиот ангажман. 

„Работам со сето срце. Не се работи само за пари, особено што не заработувам многу од ова,“ ни вели Ана Тадржак во телефонскиот разговор. „Ова бара сила и трпение, но јас сум среќна со мојата работа во Австрија и среќна сум што работам во Каритас,“ раскажува таа. Таа е изненадена дека воопшто ја контактирал новинар. „Во овие 15 години колку што работам никој не се заинтересирал за мојата работа“, вели Ана.