1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стравуваат ли малцинствата од независно Косово?

Рефки Алија11 декември 2007

Kаде претставниците на малцинствата на Косово го гледаат решението на статусот.Ставот на српското малцинство е познат.Но, дали останатите малцинства на Косово ги поддржуваат барањата на властите за независност.

https://p.dw.com/p/Ca6C
Секојдневие во ПриштинаФотографија: picture-alliance/ dpa
Поголемиот дел од Бошњаците, Турците, Ромите и Ашкалите и Еѓипќаните на Косово ја поддржуват независноста на покраината, па макар таа да биде прогласена и еднострано. Веруваат дека на тој начин ќе започнат да доаѓаат странски вложувања во земјата, а со тоа и долгоочекуваното економско опоравување - отворање на нови работни места и подобар стандард. Секако има и загриженост, што по тоа. Зухра Вујиќ од Призрен тоа вака го објаснува:

„Кај Бошњаците постои страв од независно Косово иако нема потреба да да се плашат. Веројатно не ја знаат реалната ситуација на теренот. Една од причините е КФОР и зголемување на контингентот војници во Митровица. Некако тие подготовки се причина за страв кај населението. Во исчекување се оти не знаат потоа каков ќе биде статусот на Бошњаците.“

Kosovo
Ромите на Косово не ги уживаат сите праваФотографија: AP

Кујтим Пачаку, Ром, професор по музика и новинар смета дека народот на Косово не треба да се плаши за својата иднина.

„Народот не треба да стравува од независноста на Косово. Зошто? Секако тоа треба да биде изведено под зголемен надзор од ЕУ и со максимално почитување на човековите права.“

Турците интегрирани во косовското општество
Сулејман Рандобрава, професор во пензија верува во континуитетот на правата и положбата на неговата турска заедница и во независно Косово.

„Според мене и со независно Косово, Турците ќе ги имаат сите права. Ќе си имаме претставници и во локалните власти и регионалниот парламент, што придонесува за развој на целокупниот живот на сите народи на Косово, вклучително и Турците.“

Пачаку, пак со потсетување дека неговите сонародници сега на Косово се соочуваат со многу проблеми, сепак вели:

„Ромите го поддржуваат независно Косово, но со барање никогаш да не бидат асимилирани и да бидат третирани како рамноправни граѓани“.

Без разлика на статусот добро ќе се живее со Албанците

Зухра Вујиќ сепак се надева дека нема да дојде до негативни настани и без разлика каков ќе биде статусот на Косово ќе може добро да се живее со мнозинското албанско население.

„Соживотот со Албанците е возможен. Јас имам пријатели Албанци и тие не се поинакви од останатите мои пријатели. Ниту пак тие ме разликуваат мене дека не сум Албанка. Тоа не го забележувам“.

Бошњаците, Турците и останатите заедници се сметаат за интегрирани во новото косовско општество. Застапени се во парламентот и владата, а освен Ромите учествуваат и во власта на локално ниво - онаму каде се застапени во поголем процент.