1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Стоматолошки туристи“

25 ноември 2011

Некои бугарски стоматолози – претприемачи нудат специјални пакети за странски пациенти, кои патуваат во земјата од Западна Европа во потрага по квалитетен третман по ниски цени. Се очекува процут на овој вид туризам.

https://p.dw.com/p/13FYZ
Туристите - пациенти од Западна Европа за неполна недела добиваат повеќе интервенции за поевтини париФотографија: Design Pics

Како што притисокот од трошоците во здравствениот систем на богатите земји почнува да се чувствува, така зголемен број на луѓе од Западна Европа патуваат на исток во потрага по поевтин медицински третман. Тие се повеќе од добредојдени во Бугарија и некои останати земји, каде ниските трошоци за работа овозможуваат да се понуди комбинација на медицинско искуство и евтини цени.

Неодамнешниот извештај на истражувачката и советодавна компанија, која е дел од групацијата Економист, посочи дека Бугарија е добро позиционирана да развие медицински туризам.

Специјални понуди за странските пациенти

Бројни бугарски стоматолози профитираат од оваа идеја, нудејќи специјални понуди на странските пациенти. Затоа, зголемен број на луѓе од Западна Европа вклучуваат патување до забарот во странство во своите планови за одмор. Се’ е до цената на услугата.

Zahntourismus, Bulgarien
Стоматологот Александар Клочков вели дека за развој на овој вид туризам се значајни две работи - цената и квалитетотФотографија: DW

„Туризмот зависи од две работи – квалитетот и цената. Не знам колку брзо би растеле цените, а тоа се’ уште да биде добро за пациентите од Западна Европа, но мислам дека многу клиники ќе се обидат да го развијат тоа. Има неколку доктори што ги знам, кои го прават тоа“, вели Александар Клочков, стоматолог од Софија.

И Клочков со неговиот тим одлучи да профитира од овој тренд. Тие им нудат на странските пациенти цели пакети, од резервирање на авионските карти и хотелското сместување, до транспортот од аеродром и туристички разгледувања на знаменитостите. Бројни нискобуџетни авиокомпании од Европа веќе нудат ефтини летови до Софија и Варна, популарното одморалиште на Црното Море, каде исто така многу клиники имаат странски пациенти. Во подем е и патувањето преку граница за третман со вештачко оплодување и пластична хирургија.

Бугарските стоматолози се стучни и опремени, но ризици постојат

Мартин Ланган е од Даблин. Знаејќи дека во неговата уста треба да се прави обемен зафат, одлучил да патува во Бугарија, откако ги споредувал цените и читал критики на Интернет, открил дека таму ќе плати помалку отколку во неговата татковина, Ирска.

„Треба многу работи да ми се направат, а имам ограничено време, така што мислам дека тоа исто така беше една јака страна. Тие направија програма што ветија дека ќе ја исполнат во период од шест денови и успејаа тоа да го направат за шест денови“, вели Ланган, кој немал дополнителни интервенции откако се вратил дома.

Zahn Zähne Karies Ozon Behandlung Zahnarzt
Дел од потенцијалните пациенти од странство стравуваат дека, кога ќе се вратат дома, ќе мораат да имаат дополнителни интервенцииФотографија: picture alliance/dpa

Нема ниту јазична бариера, бидејќи повеќето стоматолози зборуваат англиски или германски, а имаат вработено и преведувач во стоматолошките ординации. Сепак, Николај Шарков, заменик – претседателот на Бугарската стоматолошка асоцијација, предупредува дека стоматолошкиот туризам има свои ризици.

„Стоматолошкиот туризам си има свои ризици. Во стоматологијата ризиците се помали во споредба со медицинските ризици, но можат да се воочат и можат да се почувствуваат веднаш по третманот“, вели Шарков.

Тој смета дека феноменот е преувеличен и тој има свои причини да верува дека не е веројатно оваа индустрија да се развие. Шарков смета дека стравот оти нешто ќе тргне наопаку и потешкотијата да се направат последователни термини ги тера луѓето да се откажат. Од друга страна, тој тврди дека бугарските стоматолози се и добро обучени и добро опремени.

„Ако одите во бугарска стоматолошка ординација ќе ја видите истата опрема, истите делови, истите материјали што се користат во сите европски земји и ширум светот“, забележува Шарков. Со него се согласува и стоматологот Клочков.

Zahnarzt Werkzeuge
Бугарските стоматолози користат најсовремени материјали и опремаФотографија: Fotolia/Pola&Helena

„Посебно во нашата ординација пробуваме се’ што можеме за да бидеме барем на исто ниво со Западна Европа. Тука имавме многу предавачи од Америка и Европа. Тие доаѓаат и ни пренесуваат знаење како точно тие ја извршуваат работата. Потоа, ние ги купуваме истите материјали, истите машини и учествуваме на практични курсеви. И, мислам дека квалитетот на работата е добар“, забележува Клочков.

Како членка на ЕУ, Бугарија мора да се прилагоди на воспоставените стандарди. Како една од најсиромашните земји во Унијата, Бугарија може да го капитализира овој туристички тренд за отворање на толку потребните работни места во здравствениот сектор и за генерирање на приходи во државниот буџет.

Автор: Јоана Импеј / Александар Методијев

Редактор: Симе Недевски