1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Столтенберг: Независна и темелна истрага за случувањата

Б. Георгиевски/нато11 март 2015

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенбер,г на заедничка прес-конференција со македонскиот премиер Никола Груевски во Брисел побара да се почитуваат демократските вредности во земјата

https://p.dw.com/p/1Eofu
Фотографија: AFP/Getty Images/J. Thys

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг одби да ги коментира информациите дека зад скандалот со прислушувањето во Македонија стојат странски тајни служби, како што обвинува владата во Скопје. По средбата со македонскиот премиер Никола Груевски во седиштето на Алијансата во Брисел, одговарајќи на новинарско прашање: дали НАТО ќе и‘ помогне на Македонија да ги открие тајните служби кои според премиерот Груевски стоеле зад обидот да се дестабилизира земјата, Столтенберг рече дека не сака да коментира такви активности .

Го подвлекувам значењето на слободата на печатот, бараме да и‘ се дозволи на опозицијата нормално да функционира, тоа се демократски вредности кои мора да се почитуваат, рече Столтенберг.

„Бараме независна и темелна истрага за многу сериозните обвинувања. Оние кои се одговорни треба да се одговараат за она што се случило“, рече генералниот секретар на НАТО.

На истата тема, македонскиот премиер Груевски рече дека на Столтенберг му ја опишал ситуацијата во земјата. И тој одби да ја коментира можната вмешаност на странски тајни служби, посочувајќи дека „тоа ќе биде дел од натамошна судска постапка, која ќе биде јасна и транспарентна. Отворени сме и за било каков мониторинг“, рече Груевски.

Соговорниците разговарале и за членството на Македонија во НАТО, а Столтенберг повтори дека главниот услов останува решение на спорот за името со Грција. Столтенберг ги поздрави реформите кои Македонија ги прави „во одбранбениот сектор“, но предупреди дека остануваат многу предизвици, пред сѐ „во политичкиот дијалог, слободата на медиумите и владеењето на правото“.