1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стејт департмент: Македонија и Грција до самитот на НАТО да се договорат за името

ЖА/миа15 март 2014

Американскиот Стејт департмент најави дека на самитот на НАТО во Велика Британија во септември проширување на НАТО ќе биде на агендата и ги повика Македонија и Грција што е можно поскоро да го решат спорот за името.

https://p.dw.com/p/1BQFu
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ваквата најава доаѓа по писмото со поддршка за прием на Македонија и Црна Гора во НАТО и за придвижување на Босна и Херцеговина, Грузија и Косово кон Алијансата, што до Стејт департментот го упатија 40 конгресмени, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Портпаролката на Стејт департментот, Мари Харф, потврди дека писмото е добиено, нагласувајќи дека САД остануваат посветени на тоа НАТО да има политика на отворена врата.

„Мислам дека тоа го кажавме на сите самити на НАТО. Исто така јасно кажавме дека аспирантите за НАТО мора да ги исполнат стандардите за членство за НАТО. Како што работат во таа насока, ние ќе ги поддржуваме во тие напори. Конкретно за Македонија, НАТО имаше согласност на сите членки дека поканата за членство во Алијансата ќе и‘ биде упатена кога ќе се најде заемно прифатливо решение за спорот за името. Се надеваме дека лидерите на Македонија и Грција ќе најдат решение на спорот за името што е можно поскоро. Сигурна сум дека проширувањето на НАТО ќе биде тема на самитот во Британија“, изјави Харф.

Marie Harf Porträt Sprecherin USA
Мари ХарфФотографија: picture-alliance/AA

Ова е прва најава на Вашингтон дека проширувањето ќе биде тема на Самитот.

Грција, досега, се обидуваше да издејствува на самитите на НАТО воопшто да не се постави оваа тема. Но, со кризата во Украина, во САД се засилија повиците на конгресмените и експертите да се забрза проширувањето на НАТО, како еден од одговорите на руското ширење во Крим.

И украински премиер Арсениј Јацењук, кој завчера се сретна со американскиот претседател Барак Обама во Вашингтон, го посочи запирањето на ширењето на НАТО по самитот во Букурешт во 2008 година, како причина зошто Русија обезбеди независност на две области во Грузија, а сега турка референдум за независност на украинската област Крим. На самитот во Букурешт, беше одбиено барањето на Грузија и Украина за почнување на МАП-процесот, кој е првиот чекор кон членство во НАТО.