1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Статутарно збогување со Груевски

9 октомври 2019

Јазот меѓу она „слушај што проповедам за државата, не гледај што правам во партијата“, Мицкоски се решава да го надмине статутарно, за почеток преку збогување со почесниот претседател. Реформи или козметика?

https://p.dw.com/p/3QvCG
Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski
Фотографија: Petr Stojanovski

Никола Груевски нема да биде почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Да биде појасно - отстранувањето на Груевски од почесната функција не е резултат на лидерска или партиска волја и свест за осуда на дел од неговите политики, туку ќе се случи „по сила“ на укинување на тој статус во партискиот статут. Мицкоски воопшто и не сака овој чин да го нарече дистанцирање од Груевски, туку го објаснува исклучиво како „резултат на реформите во партијата“, со што ги навестува неговите стравови и калкулации.

Во моментов партијата е влезена во кампања за „обнова на Македонија“ и ветува промени на државно ниво, во време кога нема ни „п“ од промени на партиско ниво. Ваквиот длабок јаз меѓу она „слушај што проповедам за државата, не гледај што правам во партијата", Мицкоски се решава да го надмине на најлесен можен начин - статутарно.

Демек, ако се исклучи функцијата почесен претседател во статутот, Груевски автоматски ќе си замине, со тоа ќе „замине“ и обврската на Мицкоски да се правда или дистанцира од неговиот минат труд, а партијата ќе наметне впечаток дека таму се случуваат некакви реформи. Второ, тој се надева дека така ќе го амортизира евентуалното незадоволство на дел од членството кое смета дека Мицкоски само ја чува фотелјата на Груевски до неговото враќање. Бидејќи не сака да ги изгуби тие гласачи, си наоѓа совршено алиби: не го тргам јас Груевски, така бара статутот, а тој е правен по урнек на статути на сестрински партии. Вклучително и по урнек на статутот на владејачката партија во земјата што му даде азил на Груевски. Мицкоски верува дека на овој начин си обезбедува мир и кохезија во партискиот двор, а елегантно се ослободува од хипотеката што му ја остави  претходникот.   

Но, на ваков козметички начин тоа едноставно не е можно. Не може Мицкоски да бара од новинарите повеќе да не го прашуваат за Груевски, туку за сиромашатијата и криминалот во државата, се додека гази по меките килими на најскапото партиско седиште во Европа, кое е синоним за контрадикцијата на сето она што Мицкоски сега го говори. Реформите значат длабочина и конзистентност во промените, а не селективен пристап, со земање од полиците само на она што му треба: Груевски ќе отпадне, но не и  удопството што тој им го остави Бела палата.

Повеќе:

-Унгарија не го дава Груевски

-Мицкоски го трча последниот круг

-Илибералниот свет на ВМРО-ДПМНЕ

Колку пати досега најавуваа, дека божем ќе се селат во поскромно седиште, какво што наводно и прилега на партијата, ама види чудо - такво седиште досега не најдоа. Замислете, во сиромашната и од многу елити ограбена Македонија, нема за изнајмување простор по мерка на скромна партија. Или можеби и не бараат баш толку скромен простор? Изгледа дека Груевски точно ја проценил мерката што и прилега на оваа „демохристијанска партија“ – и според габаритноста, и според скапиот мермер, мебелот, кристалните лустери, но и според менталитетот на оние во кои самиот видел свои наследници.

Второ, дури и да го избришат почесниот претседател од статутот, тој останува овековечен на безброј слики што ги красат ѕидовите во Белата палата. Практично, Мицкоски секој ден се разминува со Никола Груевски во партиските ходници. Симболично кажано, Груевски од секој агол „гледа" во Мицкоски и во тимот околу него. Можеби и не само симболично, ако се има предвид дека таму стои и големиот брат...учед, од партијата исклучениот Мијалков, но и други членови на фамилијата портретирани во разни ситуации по угледот на кралски семејства. Таму е дури и сопругата на Груевски, која немаше никаква партиска позиција за да биде дел од насликаниот историјат на партијата.

Nord-Mazedonien Parteizentrale der VMRO DPMNE in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Да биде иронијата уште поголема, додека Мицкоски обвинува за Рекет 2 или 3, секој ден во Белата палата се разминува и со критикуваниот Ден Дончев, кој заедно со други партиски функционери исто така е овековечен во масло на платно.

Тоа е вистинската слика за „реформите". А новиот партиски статут е посебна приказна. Беше најавен од Мицкоски непосредно по неговиот избор на партиската функција. На Општинските комитети им беше даден на разгледување лани во август. Една година потоа, анализата се уште не завршила. Сега го разгледувале во Извршниот Комитет. Ако со таква „брзина“ се носи новиот статут, јасно е дека Груевски уште некое време ќе си остане почесен претседател. Но, тоа и не е битно. Битно е да се врти прикаска за реформи. Но, ако еден статут се крчка толку време, колку ли ќе треба за обнова на Македонија? За некои прашања се уште не е понуден „математички прецизен“ одговор.