1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Статусот на Косово – тежок испит за ЕУ

Cutanoski, Goran7 јануари 2008

Германските весници и денеска се занимаваат со ситуацијата околу статусот на Косово. Ви пренесуваме дел од коментарите на оваа чувствителна тема.

https://p.dw.com/p/ClVD
Ќе го одведе ли Косово во независност? Хашим Тачи, косовскиот премиерФотографија: AP Photo/Visar Kryeziu


Весникот „Ди Велт„ донесува статија под наслов „Балканот ги троши нервите„ во која меѓу другото читаме.


„Кавгите околу наследството се ретко пријатни. Во случајот на Југославија тие дури минаа со крвопролевање, а ретко кој од наследниците на старата држава беше задоволен од она што го доби на крајот. Ова најмногу важи за долготрајната кавга меѓу Србија и Косово, кое на скоро се очекува да објави независност. Тоа меѓутоа нема да биде и крај на спорот, туку само ќе го префрли конфликтот на друго ниво.


САД ќе ја признаат независноста на Косово, како што тоа веќе од поодамна го најавија, истото ќе се случи и со поголемиот дел од членките на ЕУ. А Србија ќе виси меѓу стариот сон за Југославија и далечната цел – припадност кон ЕУ. Русите, како сила заштитничка на Србите сигурно ќе бараат компензација за незавинсоста на Косово. Прашање е само каква и каде. Тие веќе најавуваат дека тоа би можело да се однесува на некој од замрзнатите конфликти на јужната граница, кон Транснистрија на пример.


Меѓутоа пред се‘ се поставува прашањето како сега понатаму на Балканот? За прв пат во историјата ЕУ има намера да преземе еден протекторат, кој тукуречи и не е способен самостојно да преживее – на економски план. Во тоа нема ништо да смени ни објавувањето независност. Така европската безбедносна и одбрамбена политика ќе се најде пред неизбежна проба со потполно отворен исход. Важен лост на европската политика е секако желбата на Србија да стане членка на ЕУ. Тоа го принудува Белград на разум и воздржаност. Но, дали тоа ќе важи и за вооружените лица во балканските планини, тоа допрва требна да видиме. На ЕУ во секој случај ќе и‘ требаат јаки нерви„ – порачува авторот на статијата во весникот „Ди Велт„.



„Франкфуртер рундшау„ денеска исто осамна со анализа посветена на статусот на Косово, но од аспект на Кипар како членка на ЕУ.


„Политичарите и експертите на средоземноморскиот остров Кипар деновиве многу будно го следат развојот на ситуацијата околу Косово.  Развојот околу отцепената српска покраина може да има голема важност и за иднината на поделениот остров. Турците од северниот дел на Кипар секако при тоа се надеваат дека независноста на Косово ќе помогне за нивното излегување од меѓународната, пред се‘ стопанска изолација. Токму од тоа пак се плашат Кипарските Грци на јужниот дел од истиот остров. Портпаролот на владата Василис Палмас неодамна изјави: Бог да чува и да брани! Нема да го признеме Коасово, дури ако тоа го сторат сите други членки на ЕУ.

Сличноста меѓу Косово и Северен Кипар е очигледно голема. И едното и другото се одвоени делови од меѓународно признати држави. И во едниот и во другиот случај станува збор за поинакви етникуми кои го сочинуваат мнозинството во отцепениот дел. Обата се одвоија по пат на воени судири.


Но, дали Косово ќе биде тест за иднината на Кипар, тоа мора допрва да видиме„ – заклучува весникот „Франкфуртер рундшау„.