1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стандарди па статус за Косово

14 јули 2005

Тоа се двата централни поима во дебатата за политичката иднина на Косово. За нив при посетата на Европската унија во Брисел зборуваше и шефот на УНМИК Сорен Јесен Петересен.

https://p.dw.com/p/Acma
Дали е можен нов пожар на Косово?
Дали е можен нов пожар на Косово?Фотографија: AP

Пред да се решава за статусот на Косово треба да бидат исполнети определени стандарди што се однесуваат на човековите права, на правната држава и на политичката самоуправа. Шефот не УНМИК Петерсен се сомнева дека тие стандарди веќе се постигнати:

„Нашиот квартален извештај покажува напредок во сите подрачја на стандардите, но покажува исто така дека ниту еден единствен од осумте стандарди не е во целост исполнет„.

Сепак, при неодманешната посета на Европската унија, Петерсен се изјасни за тоа наесен да биде именуван пратеник на Обединетите нации за преговорите за статусот. Тој смета дека до крајот на идната година може да биде постигната саканата цел. Сегашната состојба не може долго да опстане, иако признава дека ситуацијата на Косово не е посебно стабилна. Тој верува дека само со отстапки и притисок, односно со морков и камшик, може да биде најдено решение со преговори меѓу Косово и Србија. Морковот би била шансата за Косово и Србија и Црна Гора да бидат примени во Европската унија:

„Ако расчистувањето на прашањето на статусот е дел од патот кон членство за обете страни, тогаш затегнатоста може да се ублажи. А, секое макар мало ублажување на затегнатоста е добредојдено, зашто тоа ќе бидат многу тешки и компликувани преговори„.

Сегашната криза на Европската унија и повторно разгорената дебата за способноста за прием на нови држави предизвика несигурност кај луѓето на Косово, вели дипломатот на Обединетите нации. Без нов силен ангажман на Унијата и на НАТО Косово нема шанса за мирна иднина. Унијата ќе биде потребна и по решавањето на прашањето за статусот:

„Европската унија треба да биде подготвена да ги преземе владините задачи, работата на полицијата, судството и постапките против организираниот криминал, како и политичката одговорност, на пример. Организирано меѓународно присуство ќе биде неопходно извесно време, како и да завршат преговорите„.

Во меѓународната контакт група за Косово во која се САД, Русија, Германија, Франција, Велика Британија и Италија постои целосна согласност дека на Косово би можела да му се гарантитра голема автономија, но никако државна независност според меѓународното право. Петерсен не сака да се изјаснува за конкретни предлози. Меѓутоа, секое решение треба да содржи три приниципи:

„Прво: никакво враќање на состојбата од пред март 1999. Второ: Косово не треба да се спои со соседните земји. И трето: Косово нема да се дели„.

На тој начин треба да се спречи поделбата на подрачјето меѓу Србија и Албанија. Меѓународниот омбудсман за човекови права на Косово, Марек Новицки за неделникот „Шпигел„ изјави дека не ја исклучува можноста од војна за независност на косовските Албанци. Петерсен во моментов не гледа таква опасност, меѓутоа:

„Навистина решавачко е идниот статус да ги направи Косово и регионот постабилни. Не смее да се случи никаква дестабилизација на Србија и Црна Гора„.