1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српското општество не сака да се соочи со губењето на Косово

Ивица Петровиќ/бг21 октомври 2015

Ставот на претседателот на Српската академија на науките и уметностите (САНУ), Владимир Костиќ дека „Србија треба да најде начин достоинствено да се повлече од Косово“, ја подели и возбуди јавноста во земјата

https://p.dw.com/p/1GrK4
Фотографија: SANU

Најостар во осуда на ставот на Костиќ беше претседателот на државата Томислав Николиќ кој смета дека САНУ треба да се изјасни за таквиот став, а го доведува во прашање и останувањето на Костиќ на чело на Академијата. Ставот на претседателот на САНУ го критикуваа и српските политичари од Косово, додека премиерот Александар Вучиќ изјави дека Костиќ има право на свој став, но тајмингот на изјавата доаѓа во лошо време, кога Србија се бори против влезот на Косово во УНЕСКО.
Владимир Костиќ за белградските медиуми изјави дека „нема да дозволи никој да му одредува што смее да каже, а што не, и што е заедничкиот корпус на мислења до кој треба да се држи“. Полемиката која ја отвори ставот на Костиќ во јавноста, покажа колку е различен ставот околу Косово, и колку е тоа погодно средство за политички пресметки.

Абракадабра политика

Сличен став со оној на Костиќ има и Вук Драшковиќ, лидер на Српското движење за обнова и поранешен министер за надворешни работи. За ДВ, Драшковиќ вели дека српското општество и политичарите не сакаат да се соочат со фактите за Косово, и дека се води абракадабра политика во тој поглед.

„Тоа е политика на илузии, лаги и што е најтрагично, свесни заблуди“, вели Драшковиќ. „Нема некој кој не знае дека Србија од потпишувањето на Кумановскиот договор и Резолуцијата 1244 е протерана од Косово. Но истовремено, секоја власт во последните 15 години намерно го заблудува народот дека се бори за Косово, па со истата цел го уфрлија и во преамбулата на Уставот“.
Драшковиќ вели дека мнозинството во Србија денес верува, од некои митски и епски причини, а особено поради силната пропаганда на Српската православна црква, како и националната елита, дека Косово е украдено и дека е само прашање на време кога ќе биде вратено. „А тој момент само што не дошол со оглед дека ЕУ се распаѓа, и дека е прашање на ден кога Русија ќе и пружи помош на Србија за да го ослободи и врати Косово“.

Tomislav Nikolic Archivbild Januar 2014
Томислав НиколиќФотографија: AFP/Getty Images/A. Isakovic

Ковертирана оставка?

Академик Костиќ со својата изјава успеа и да тргне некои „красти“ од лицето на САНУ, смета Драшковиќ, која во текот на 1990-те години беше една од националните институции кои силно и со мнозинска волја на своите членови ја поддржуваше политиката на Слободан Милошевиќ.
Новинарката и добар познавач на состојбата во САНУ, Радмила Станковиќ за ДВ објаснува дека Костиќ не е човек на ниту една политичка партија. Таа тврди дека Костиќ веќе ја ковертирал својата оставка и му се обратил на Претседателството на САНУ со прашање дали ќе се огласува по овој повод. Неговиот став е дека не сака на било кој начин да ја доведува Академијата во непријатна ситуација, бидејќи нејзината работа ја финансира државата, вели Станковиќ.
„Се плашам дека мнозинството академици ќе го поддржат претседателот Томислав Николиќ, бидејќи тоа е сега важно и се поклопува со некаков национален интерес. Важно е да се каже и дека Костиќ се обиде да го оттргне баластот кој ја следи Академијата. Бидејќи следната година се одбележуваат 30 години од Меморандумот, Костиќ одлучи да се организира голем собир, каде ќе присуствуваат сите живи актери, а сите документи и хартии, оригиналниот Меморандум ќе бидат достапни, класификувани и на некој начин, оценети. Едноставно неговиот став е дека не сака да го носи крстот со кој нема ништо“, вели Станковиќ.

Vuk Draskovic Politiker aus Serbien
Вук ДрашковиќФотографија: DW/B. Cani

САНУ не е партија

Претседателот на Напредниот клуб,Чедомир Антиќ вели дека задачата на САНУ, му се допаѓало тоа некому или не, е да дава мислење за важни прашања, па и да биде авангарда во тој смисол. „Мене ме чуди што најголем критичар на Костиќ е претседателот Николиќ кој во 1999 година беше потпретседател на владата која им го предаде Косово на НАТО и на косовските бунтовници. Согласен сум со најголемиот дел од она што го кажува претседателот на САНУ“, вели Антиќ. „Ние немаме ни сила ниту волја да го вратиме Косово во составот на Србија. Треба да се преориентираме на Република Српска каде има Срби“, заклучува тој.