1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српска шпага меѓу Москва и Брисел

Немања Рујевиќ/ Жана Ацеска8 август 2014

Растат тензиите меѓу Русија и ЕУ. Србија, кандидатот за влез во ЕУ, сака да ги негува односите со двете страни, па не се приклучи кон европските санкции против Москва.

https://p.dw.com/p/1CrDX
Фотографија: picture-alliance/dpa

Белград и натаму го смета Крим за дел од украинската територија, но без со ниеден збор или гест да ја осуди руската анексија на полуостровот. Србија го претставува членството во ЕУ како своја најприоритетна цел, но Белград во случајот со Русија следи поинаква политичка линија отколку Брисел. За српската влада, се чини дека овие противречности не се непомирливи:

„Ние го почитуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, вклучувајќи го и Крим. Но, ние не воведовме никакви санкции кон Русија. За тоа постојат бројни политички, економски и историски причини“, изјави српскиот премиер Александар Вучиќ во интервју за СиЕнЕн.

Притисок од Русија

Кандидат за членство во ЕУ официјално не е обврзан да ја споведува бриселската политика на санкции. Белград го користи овој меѓупростор за да не ги разочара сопствените гласачи. Зашто, многумина од нив во Русија гледаат „православен брат“. Истовремено, целта е да се остане поштеден од економските загуби при евентуална одмазда на Русија. Српскиот политиколог Предраг Симиќ вели дека „зимата во Србија може да биде екстремно студена“. Тој алудира на српската зависност од рускиот гас, кој моментно покрива околу 80 проценти од потребите на земјата.

Putin und Dacic in Moskau 10.03.2013
Министерот за надворешни работи Дачиќ-секогаш драг гостин во МоскваФотографија: Reuters

Рускиот врвен политичар Константин Косачев во интервју за белградскиот весник „Политика“, близок до владата, предупреди - ако Србија се приклучи кон европските санкции против Русија, би се откажала од својот национален идентитет и од своите економски интереси. Но, ако Белград и натаму остане на страната на Русија, Србија може да смета на завршување на гасоводот „Јужен тек“, поголем извоз на земјоделски производи, како и директни инвестиции од пет милијарди американски долари од Русија, тврди Косачев.

Сепак, великодушните ветувања можат да бидат сфатени и како прикриени закани. Зашто, ни Москва, ниту Брисел и Вашингтон не се задоволни од „неутралната политика“ на балканската држава, смета Александра Јоксимовиќ, директорка на белградскиот Центар за надворешна политика.

„Двете страни очекуваат поддршка од Србија. Но, политичката штета е помала ако Србија остане неутрална, отколку ако јасно застане на една страна во украинскиот конфликт“, вели таа во разговор за Дојче веле.

„Морално право за одбивање на санкциите“

Српскиот став во однос на украинскиот конфликт е поврзан и со косовската проблематика. Поранешната српска покраина пред шест години еднострано прогласи независност, па денес од најголем дел од државите е призната за суверена држава, но не и од Србија.

Русија, вето силата во ОН, од почеток одби да ја признае независноста на Косово и со тоа се смета за чувар на српските интереси. Но, она што политичарите во Белград речиси не го споменуваат: сепаратистите, а дури и рускиот претседател Владимир Путин при отцепувањето на Крим изричито се повикаа на отцепувањето на Косово од Србија како преседан.

„Западните земји, кои во украинската криза се повикуваат на меѓународното право, први ја признаа независноста на Косово и со тоа го повредија српскиот суверенитет“, смета Лиљана Смајловиќ, главен уредник во весникот „Политика“.

Затоа, Србија има „морално право“ да ги одбие ЕУ-санкциите против Русија.

„ЕУ-државите немаат секогаш единствена надворешна политика. Затоа, не гледам зошто Србија би требало едноставно да го следи курсот на Брисел кога се работи за Украина“, вели Смајловиќ.

South Stream Pipeline Serbien Gazprom 13.06.2014
„Јужен тек“ треба да донесе руски гас за СрбијаФотографија: picture-alliance/AP

„Избалансирана политика“ или погрешен курс?

Во српските медиуми се шпекулира дека во текот на започнатите пристапни преговори ЕУ би можела да изврши притисок врз Србија за да ја оконча српската шпага меѓу Западот и Истокот.

Јелена Милиќ, раководителка на белградскиот Центар за евроатлантски студии, стравува дека Србија повторно ќе ја прокоцка шансата да стане поевропска.

„Надворешната политика е нешто повеќе отколку голи економски интереси, имено во неа спаѓа и одредено сврствување во група држави кои делат исти вредности“, вели таа за Дојче веле. Незаземањето јасен став кон Русија во украинската криза би можело да ја доведе Србија на „погрешна страна во историјата“.

Но, белградската влада верува-со својата „избалансирана политика“ прави историски потег. Во следната година Србија го презема ротирачкото претседателство со ОБСЕ. Во Белград се планира да се организира свечена конференција по повод 40-годишнината од Хелсиншкиот акт, кој ги содржи основните принципи на ОБСЕ. Можеби, се надева владата, ќе дојдат заедно Владимир Путин и Барак Обама, и во неутрална Србија ќе стават крај на меѓусебните кавги.