1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Британскиот ќе нѐ заштити од бразилскиот сој?

ДТЗ
13 април 2021

Докторот Горан Кунгуловски смета дека доколку бразилскиот и јужноафриканскиот сој влезат во С. Македонија, најверојатно нема да станат доминантни.  

https://p.dw.com/p/3rwQi
Nordmazedonien | Impfzentrum in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Бразилскиот сој се шири со сѐ поголема брзина. По последните најави од соседна Србија, дека има индикации дека оваа најзаразна мутација се појавила во земјата, каде се поголем број млади лица се на респиратори, растат стравувањата од ширењето на сојот и во С. Македонија. Експертите сметаат дека доколку бразилскиот и јужноафриканскиот сој влезат во С. Македонија, најверојатно нема да станат доминантни. 

-повеќе на темата: Зошто сојот Р.1 на коронавирусот е толку опасен?

„Бидејќи во Македонија е доминантен британскиот сој (можеби над 98-99% од сите новозаразени), а бразилскиот и јужноафриканскиот сој се пренесуваат подеднакво брзо или побавно од британскиот, истите доколку сега влезат и се детектираат во Македонија, најверојатно нема да станат доминантни, бидејќи ќе бидат само капка во морето со британскиот сој“, смета докторот Горан Кунгуловски од Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина при Клиниката „Жан Митрев“. 

Секој нов сој од вирусот е полош

Директорката на ковид болницата  во Батајница, во Белград, Татјана Аџиќ Вукичевиќ, за РТС изјави дека има индикации дека бразилскиот сој на вирус се појавил во Србија и дека британскиот вид е сè уште најприсутен меѓу пациентите. Taa предупреди дека секој нов сој од вирусот е „полош“ и кога станува збор за преносливоста и кога станува збор за смртноста и апелираше до граѓаните да се вакцинираат. „Има многу млади луѓе кои се на оддели за интензивна нега и се поврзани со уреди за вештачко дишење“, предупреди Аџиќ и посочи дека најчесто станува збор за британски сој на вирус, кој се карактеризира со висока преносливост, потешки клинички слики, побрза хоспитализација и поголема смртност. 

За бразилскиот и други соеви

Кунгуловски објаснува дека соевите како британскиот, јужноафриканскиот и бразилскиот се дефинирани од 10-тици мутации според коишто се разликуваат од изворниот Вухански сој, но фокусот е ставен само на 2-3 од нив.
N501Y мутацијата - води до зголемена преносливост на SARS-CoV-2 вирусот. Ја има во британскиот, јужно-африканскиот и бразилскиот сој. Е484К мутацијата - води до зголемена имуноевазивност (избегнување на имуниот систем). Ја има кај јужноафриканскиот и бразилскиот сој, вели тој. За некој сој да стане доминантен, според Кунгуловски, треба многу побрзо да се пренесува од сојот што тековно циркулира во популацијата. Во случајов, бразилскиот и јужноафриканскиот ги немаат тие својства. „Среќа во несреќа, засега“, вели Кунгуловски.

-повеќе на темата: Пановски: Британскиот сој нема да му дозволи на јужноафриканскиот брзо да се шири во Европа

И проф. д-р Никола Пановски неодамна за ДВ изјави дека надежта е дека британскиот сој нема да му дозволи на јужноафриканскиот сој брзо да се шири во Европа. „За јужноафриканскиот сој, означен како 501.V2 или B 1.351 нема податоци дека предизвикува посериозни инфекции, односно според симптомите и тежината на болеста е сличен на оригиналниот сој и од него позагрозени се лицата со коморбидитети и постарите лица. Разликата е што побрзо се шири благодарение на мутацијата во N генот N501Y, односно е позаразен и особено важно, промената во E генот E484K, со која има можност да го избегне имуниот одговор на домаќинот“, објаснува Пановски. Според него, рано е да се каже во која мера оние кои прележале можат пак да се разболат, но се очекува тие да поминат со полесни симптоми.

Бразилската варијанта е многу заразна

Во Бразил екстремно брзо се шири варијантата Р.1 на коронавирусот. Таа е пред сѐ опасна затоа што е многу заразна. И оздравените од Ковид-19 можат повторно да се разболат. Вакцините не делуваат многу силно. Лекарите првпат докажаа постоење на варијантата P.1 во Бразил на 10 јануари годинава. Таа има 17 мутации, од кои три лежат на спајк-протеинот. Веројатно поради тоа вирусот полесно влегува во клетките, каде што може да се размножува.