1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Средбите на Груевски и Папандреу не носат многу

19 мај 2010

Грчкиот европратеник Јоргос Кумуцакос, поранешниот портпарол на грчкото МНР смета дека неговата земја нема да ја подигне блокадата за давање на датум за почеток на преговорите на Република Македонија со ЕУ.

https://p.dw.com/p/NRoY
Фотографија: DW/AP

Последната неформална средба меѓу премиерите Никола Груевски и Јоргос Папандреу одржана на маргините на самитот ЕУ-Латинска Америка во Мадрид, не донесе конкретни резултати. „Самите средби претставуваат нешто позитивно. Но, со исклучок на тоа што тие се среќаваат, лично јас не гледам ништо конкретно што би ми дозволило да кажам дека постои развој што покажува дека можеме да очекуваме решение на проблемот околу името во наредните месеци,“ вели грчкиот европратеник Јоргос Кумуцакос.

Тој не може да каже дали до јуни или до крајот на годинава ќе биде најдено решение за долгогодишниот конфликт околу името на Република Македонија. „Засега имаме средби и разговори, но нема такви промени во позициите, што би не довеле до заклучокот дека нештата ќе се променат радикално.“

Атина најверојатно нема да даде зелено светло за преговори за Македонија

Поранешниот портпарол на грчкото министерство за надворешни работи, сега член на опозицијата не верува многу дека социјалистичката влада на Папандреу ќе даде зелено светло за датум за преговори за Македонија. „Се’ додека прашањето за името останува такво какво што е сега, мислам дека нема да има промена во грчката позиција.“

Ова, според Кумуцакос, се должи и на другите внатрешни проблеми во Грција. Во моментов владата на Папандреу се наоѓа притисната во аголот, бидејќи донесе многу остри и непопуларни економски мерки за Грците. Тоа не и дозволува да донесе други „тешки“ одлуки.

„Ако кон економските мерки, се додадат други одлуки кои се тешки и не се прифатени од мнозинството Грци, тогаш ќе се создадат политички тешкотии за владата,“ нагласува Кумуцакос.

Спорот за името не може да се поврзе со меѓуетничките тензии во Македонија

Грчкиот европратеник, чија земја е силно дестабилизирана од кризата, со загриженост гледа на меѓуетничките тензии и вооружените инциденти кои беа забележани во Македонија. Но според него, тоа не може да се поврзува со нерешениот проблем со името.

„Не мислам дека прашањето за името, кое за жал останува отворено со години, ги предизвикува меѓуетничките проблеми во Поранешната Југословенска Република Македонија.“

Според Кумуцакос, меѓуетничките тензии постојат одамна, во земјата има сили кои ги предизвикуваат и тоа е нешто што владата од Скопје може да го реши.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска