1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија мора да го заборави Косово

14 февруари 2008

Веројатно најважното место – симбол за албанскиот национализам на Косово е селото Преказ, каде што е погребан Адем Јашари, првиот командант на ослободителната армија на Косово – УЧК

https://p.dw.com/p/D7NP
Подготовките за прогласувањето на независноста на Косово одамна се во текФотографија: DW

Почитта на косовските Албанци за Јашари е безгранична, дури и на оние во егзил. Деновиве многумина Албанци што живеат во странство, специјално допатуваа на Косово за да ја прослават очекуваната независност со своите роднини и пријатели, доаѓаат и на гробот на Адем Јашари во Преказ, село околу 60 километри западно од Приштина, за да положат венци и цвеќиња. Една жена го вели она што го мислат многумина што доаѓаат на неговиот гроб:

„Потресно е да се биде овде. Сите имаме голем респект и кон семејството. Без Адем Јашари Косово немаше да стане независно„.

Основачот и прв командант на УЧК и неговиот клан важат за келијата на оружената борба против српската власт на Косово. Српскиот властодржец Слободан Милошевиќ сакаше да го уништи во зародиш, по убиството на четворица полицајци во февруари 1998 година. Непосредно потоа, влегоа српските специјалци со оклопни возила и ја опколија куќата во која беа забарикадирани Јашари и неговите придружници. Србите не ги убија само водачите на албанскиот отпор, туку и најголемиот дел на семејството на Адем Јашари, вкупно 56 лица кои се погребани на гробиштата во Преказ. Неговиот брат Рифат Јашари преживеа бидејќи беше во странство. 60 – годишниот Рифат денес вели:

„Животот оди натаму, иако не можам да ги заборавам мајка ми и брат ми, децата и жената. Меѓутоа не можам постојано да мислам на тоа што се случи„.

Рифат Јашари се врати дома како пензионер, во местото на кое неговите роднини се почитуваат ккао маченици и кое стана симбол на албанскиот отпор. По бруталната акција на Србите во Преказ, ситуацијата ескалираше: Косоварите масовно излегоа по улиците и демонстрираа против самоволието на српската полиција. УЧК стануваше се посилна. Насилството и протерувањата стануваа секојдневје. Поединичните битки се претворија во војна се’ до нападот на НАТО во пролетта 1999 година. Рифат Јашари нерадо зборува за тоа време:

„Сето тоа е минато, фала му на Бога. Имам 23 деца, сите се здрави, а јас гледам во иднината „.

Но, она што се случи во Преказ не смее никогаш да се заборави, вели гордиот брат на јунакот. Пред се треба да се одбрани еден мит: името Јашари е поврзано со битката за независност на косовските Албанци. Импровизираниот споменик во домот на семејството и гробиштата веќе се претворени во монументален споменик на жртвите од косовската војна. За многу пари кои можеа да се потрошат за други цели во сиромашниот регин. Меѓутоа националните симболи и јунаци, се чини, сега се поважни. А, како ќе реагира српското малцинство на Косово кон овие споменици, на Рифат му е сосема сеедно:

„Реагирање, реагирање. Сето тоа е веќе минато. Србија мора да го заборави Косово„.