1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија меѓу НАТО и Русија

25 февруари 2010

Триаголникот Србија-НАТО-Русија станува главна тема на безбедносната и политичка дискусија во Белград. Дали Србија се најде меѓу спротивставените интереси на Русија и НАТО на Балканот?

https://p.dw.com/p/MAfq
Србија меѓу НАТО и РусијаФотографија: AP GraphicsBank/DW

Почетокот на годината означи и интензивирање на безбедносните прашања со кои се соочува Србија. Најнапред беше покрената иницијатива за распишување референдум околу членството на земјата во НАТО. Ваквата идеја претставува извесно изненадување, бидејќи барем на прв поглед српското членство во НАТО не е на дневниот ред ниту во Белград, ниту во Брисел. Паралелно со тоа, се засилија и предупредувањата од руските власти дека со влезот во НАТО, Србија практично ќе ја признае независноста на Косово.

Руските изјави околу степенот на евроатлантските интеграции на Србија одново го отворија прашањето за руското влијание врз српската надворешна и безбедносна политика. Русија на тој начин директно се меша во внатрешните работи на Србија, предупредува претседателот на Форумот за безбедност и демократија, Нинослав Крстиќ:

„Русија го изгуби влијанието во Југоисточна Европа и меѓу поранешните земји од Варшавскиот пакт. Меѓутоа, користејќи ја несреќната српска околност, односно тоа што Србија едноставно не може да го прифати фактот дека Косово се отцепува од Србија и станува независна држава, Русија се обидува да ја искористи токму таа слаба точка и да изврши притисок врз Србија да се интегрира само во ЕУ, но не и во НАТО.“

Serbien NATO Oberkommandeur James Stavridis besucht Belgrad
Командантот на Врховната команда на сојузничките сили за Европа, Џејмс Ставридис во посета на БелградФотографија: AP

Лошо е Србија безбедносно да се врзе со Русија

Русија принципиелно е против ширењето на НАТО, вели за „Дочје веле“ Жарко Петровиќ од фондот ИСАК, задолжен за прашања за Русија и Заедницата на независни држави. Ова особено се однесува на Србија, на која Русија гледа како на најблиска земја од Западниот Балкан и врз која има извесно влијание.

Русија воено се повлече од тоа подрачје, додава Петровиќ и не може да се каже дека НАТО и Русија се борат за воена превласт во овој регион. Србија, од друга страна, мора да донесе некои тешки одлуки, вели Петровиќ.

„Пред се`, мислам на потребата за сериозна и јавна расправа околу тоа што значи воена неутралност, што значи членство во НАТО, што значи поблиско поврзување со Русија. Јас не гледам причина која имплицитно укажува на тоа дека за Србија ќе биде добро ако безбедносно се поврзе со Русија. Мислам дека тоа би било многу лошо.“

Russlands Präsident Dmitri Medwedew und Serbiens Präsident Boris Tadic in Belgrad
Дмитри Медведев заедно со Борис Тадиќ при посетата на БелградФотографија: picture alliance/dpa

Гаснење на пожарот или антитерористичка акција?

Форумот за безбедност и демократија предупреди и на недоволната транспарентност во формирањетo на базата за вонредни ситуации во Ниш. Во јавноста се појавија толкувања дека таа ќе се претвори во руска воена база и дека на територијата на Србија ќе дејствува руското министерство за вонредни ситуации. Нинослав Крстиќ смета дека не се доволно познати сите детали и додава дека тоа го отвора прашањето дали зад тоа се крие нешто повеќе од активности за гаснење пожари.

„Рускиот министер за вонредни ситуации Сергеј Шојгу буквално истакна дека тоа ќе биде база што ќе реагира во вонредни ситуации. А кризна ситуација подразбира и терористички дејства. Се појавува и нов момент, гасоводот Јужен тек, кој треба да поминува токму низ југот на Србија. Дали тоа значи дека Русите треба таму да имаат свои луѓе, кои ќе го обезбедуваат гасоводот? Бидејќи Јужен тек би можело да биде место каде се случуваат одредени терористички активности.“

Сметам дека приказните околу воениот аспект на тој проект се претерани, оценува Жарко Петровиќ. Сепак, се сложувам дека јавноста треба да добие поконкретни одговори околу практичните прашања: на кој начин ќе се реагира, какви ќе бидат правилата за постапување, кој ќе ги донесува одлуките, кој ќе го регулира статусот на луѓето кои работат таму, или евентуалниот дипломатски имунитет. Ваквите прашања мора да бидат јасно регулирани, со цел подоцна да не дојде до недоразбирања.“

Автор: Ивица Петровиќ / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска