1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија и Косово

1 октомври 2008

Дали е можна поделба на Косово? За оваа опција би можело да се разговара откако ќе се исцрпат сите други, а нив ги има многу, смета српскиот претседател. ФАЦ денеска ја анализира најавата од Белград.

https://p.dw.com/p/FSE9
Претседателот на Србија, Борис ТадиќФотографија: AP

Во интервју за српската телевизија РТС, српскиот претседател Борис Тадиќ ја означи како можна опцијата за поделба на Косово во српскиот северен дал и независност на останатиот дел од Косово. Ова е кршење на табу, пишува денеска весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг, бидејќи сите поголеми партии во земјата, па дури и проевропски настроената демократска партија на претседателот, досега во јавноста постојано ја исклучуваа оваа можност. Сепак, изјавата на Тадиќ, емитувана во понеделникот навечер, во белградскиот печат вчера се најде на второ место. Насловните страници беа исполнети со веста за влегувањето на ФИАТ во српската фабрика за автомобили Застава. Цитираме дел од пишувањето на ФАЦ:

„Изјавите на Тадиќ за Косово беа внимателно формулирани, но недоволно јасни. Според него, додуша на дневен ред во моментов не е поделбата на Косово, што де факто настана по крајот на воздушниот напад на НАТО врз Југославија на Слободан Милошевиќ во 1999 година. Србија и натаму се залага за решение, според кое Косово би останало автономна покраина во рамките на српската држава, подвлече Тадиќ. Тој, како претседател на Демократската партија, е наследник на реформаторот Зоран Ѓинѓиќ, убиен во 2003. За Ѓинѓиќ, плановите за поделба не беа сосема неприфатливи. За тоа Тадиќ рече: ’Јас сум подготвен да се размисли и за оваа опција, откако ќе ги исцрпиме сите останати опции, а нив ги има доволно.’ “ пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг и продолжува

„Може да се очекува дека националистичката опозиција, составена од Српската радикална партија и поранешниот премиер Коштуница, ќе и’ обрне внимание на оваа изјава веднаш откако ќе стивне интересот околу случувањата во Крагуевац. Факт е дека изјавата може да биде изложена на напади. Србија не може официјално да се залага за поделба на Косово, без да го повреди Уставот што го донесе Коштуница. Во преамбулата на Уставот, Косово е наведено како составен дел на Србија. Прашање е дали ваквото ’решение’ би им било од корист на косовските Срби, за кои, впрочем, Белград официјално се бори. Само околу половина од Србите на Косово, меѓу 100 и 150 илјади (иако точните бројки не се познати), живеат во северниот дел на Косово, кој е под контрола на Белград и де факто оттаму се управува. Другите Срби живеат во енклави, распространети по целата територија на Косово поле. Такви се, на пример, поголемите општини како Грачаница крај Приштина, или Штрпце во близина на границата со Македонија - но и многу други села, изложени на притисокот од косовското мнозинско население.“

Франкфуртер алгемајне цајтунг се занимава со финансиската криза и пропаѓањето на планот за санација, што не беше изгласан во американскиот Конгрес.

„Две третини од пратениците од редовите на Републиканската партија и речиси една третина од демократите им се спротивставија на шефовите на пратеничките групи, на претседателските кандидати, на нивните партии и на самиот претседател. Вашингтон ова одамна го нема видено. Бунтовничкото мнозинство, делумно конзервативно, делумно популистичко, не дозволи да го убедат дека планот за санација е нужен во овој момент. Тие не можат така лесно да го прифатат начинот и опсегот на спроведување на оваа гигантска интервенција. Белата куќа и партиското раководство погрешно го проценија отпорот, а сенаторите Меккејн и Обама не се сетија на ништо друго, освен да поделат - помалку или повеќе - умни совети. И двајцата беа воздржани од офанзивно залагање за пакетот-мерки. Затоа не е сосема неоснована општата осуда дека раководството потфрлило.“