1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија и Косово мораат да соработуваат

16 февруари 2010

Независноста на Косово е последица на политиката на Милошевиќ. Тоа е нова реалност на Балканот и Србија ќе мора да се помири со тој факт, порачуваат германските експерти од Берлин.

https://p.dw.com/p/M2jq
„Новороденчето“ се’ уште не прооделоФотографија: Filip Slavkovic

Ниту две години по прогласувањето на независноста, состојбата на Косово не е многу променета. Косово и понатаму треба да соработува со Србија, затоа што само така може да профитира, вели Јоханес Јунг, германски експерт за југоисточна Европа. „Се надевам дека натамошното приближување на Србија кон ЕУ, ќе биде предност и за Косово. Косово како самостојна држава во овој момент не дава воопшто повод да веруваме дека се движи во правец на ЕУ“.

„Косово е самостојна држава и тоа повеќе не може да се промени. Колку побрзо тоа и Србија го прифати, толку побрзо и иднината на Србија ќе биде подобра“, оценува Кристијан Шварц Шилинг, германски политичар и поранешен висок претставник во Босна и Херцеговина. „Србија и Косово мораат да соработуваат и не треба да се одбегнуваат и да се омаловажуваат едни со други“, вели Шилинг: „Европа ќе мора веќе еднаш да го реши државно-правниот статус на Косово. Повеќе од 20 земји на ЕУ го признаа Косово. Тоа е големо мнозинство, и поради 4 или 5 земји кои застапуваат поинакво мислење, Европа не треба околу тоа прашање да настапува така тивко и срамежливо“.

Србија не смее да ги заострува односите со соседите

Alter kroatische Präsident Stjepan Mesic
Месиќ: Србија не мора да го признава Косово ако не сака, но мора да им дозволи на останатите во регионот да комуницирамеФотографија: DW

Втората годишнина од косовската независност ја коментираше и поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ, кој престојуваше во посета на Берлин: „Србија ги заострува односите со сите кои го признаа Косово, но не ги заострува со Американците и со другите големи држави, туку со малите. Мислам дека е тоа непотребно. Србија не мора да го признава Косово ако не сака, но мора да ни дозволите нам, останатите во регионот нормално да комуницираме. Мислам дека тоа прашање, без оглед што од политичката е префрлено во правната сфера, ќе се оддолжува и понатаму“.

Албанците на Косово со години беа жртви на српското насилство, и интервенцијата на НАТО беше единствената можност да се запре прогонот и насилството. Но проблемот денес е што довчерашните жртви, сега станаа насилници, вели Тилман Цилх од меѓународното Друштво на загрозени народи. „Косовската влада ќе мора конечно да ја примени политиката на заштита на националните малцинства. Треба да им пружи заштита на сите српските заедници, а не само на оние на северот на Косово, да ги заштити и Ромите, Ашкалите, косовските Египќани, чии села по НАТО-интервенцијата беа запалени од албанските екстремисти“.

Германскиот автор и новинар, Олаф Илау, пак предупредува на опасноста од разгорување на албанскиот екстремизам на Балканот. „Албанците за две генерации ќе бидат најброен народ на Балканот. Тие се’ уште го држат својот национализам под контрола, но доколку тој нарасне ќе дојде до барања за ’големо албанско’ обединување. Ќе се обединат Албанија и Косово, а кон тоа ќе тежнеат и Албанците во Црна Гора, Македонија, Прешево... Тоа е буре барут, и нова голема опасноста која му се заканува на Балканот“.

Автор: Селма Филиповиќ/Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска