Србија и Косово еден ден ќе седнат на заедничка маса
26 август 2010Вестервеле во Белград се сретна со српскиот претседател Борис Тадиќ и со премиерот Мирко Цветковиќ, како и со претставниците на пет српски политички партии.
Германскиот министер за надворешни работи изјави дека Европската унија се залага за директни разговори помеѓу Белград и Приштина, кои треба да се водат во Брисел, а не во Њујорк:
„Неопходен е дијалог за практичните прашања и подобри услови за живот. Во ЕУ сметаме дека шансата за тоа е конференциска средба во Брисел, а не во Њујорк“, изјави Вестервеле пред студентите во ректоратот на Универзитетот во Белград.
Тој додаде дека помирувањето може да успее само ако Белград се соочи со реалноста. Вестервеле потсети дека независноста на Косово е реалност и дека стручното мислење на Меѓународниот суд на правда е недвосмислено. Според неговите зборови, никогаш не е прерано за процесот на помирување, оти тој е влезница за пристапување во Европската унија. Германскиот министер рече дека географската карта на Југоисточна Европа е исцртана е завршена. Тој истакна дека еден ден претставниците од Белград и Приштина ќе седат на иста маса со претставниците од Брисел, и ќе разговараат за прашања кои се однесуваат на ЕУ.
„Некому тоа му изгледа како утопија, но процесот на европски интеграции покажува дека е возможно“, изјави Вестервеле.
„Сјајни шанси“ за членство во ЕУ
Тој учествуваше во панел-дискусијата во ректоратот на белградскиот универзитет на тема „Стопанството на Србија на патот кон ЕУ: шансите, предизвиците, препреките.“
Министерот рече дека Србија има перспектива во Европската унија како и другите земји од Југоисточна Европа, и додаде дека патот до ЕУ е мачен и напорен. Според него, ЕУ нема да ги намали критериумите за добивање членство, но нема ниту да ги заостри.
„Србија има големи и сјајни шанси“, рече Вестервеле.
Автор: ЈЈМ/ТТ/бета
Редактор: Трајче Тосев