Србија и Балканот ја губат контролата над коронавирусот
6 јули 2020„Србија беше на добар пат. На почетокот на годината, додека Европа со загриженост го следеше развојот во Италија, Шпанија и Франција- во Србија беше мирно. Делуваше дека Србија го има под контрола коронавирусот, колку што тоа беше можно. Но, сега се чини дека Србија повеќе не ја контролира пандемијата, туку дека пандемијата ја контролира Србија", пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг.
„Според општото мислење, тоа има врска со изборите на 21 јуни и одлуките на властите во неделите кои им претходеа. Во текот на предизборната кампања, општествениот живот во Србија беше отворен до степен кој не можеше да се види речиси на ниту едно друго место на континентот. Изненадувачкиот пик- или дното на развојот беше одобрувањето за одржување на поголеми спортски настани со публика".
Во меѓувреме стигнаа и првите сметки за тоа што во други земји би можело да се нарече оргии на отворено. Случувањата во изминатите неколку дена покажуваат дека состојбата е сериозна. Но, од економски причини, владата се обидува да избегне повторно 'затворање' како во март и април".
„Во секој случај, впечатливо е дека, според извештаите на државните медиуми во Србија, се делува под контрола. Но, таквите проценки се во спротивност со големиот број видео записи и извештаи на социјалните мрежи кои покажуваат целосно поинаква слика: преполни болници во кои луѓето во ходниците чекаат помош, или турканиците во Белград пред итната помош и медицинската сестра која им кажува на луѓето дека нема тестови и да се вратат после 15 јули", пишува ФАЦ.
„Југоисточна Европа за време на пикот на пандемијата во Европа мина релативно добро. Дали е тоа причината поради која пандемијата сега се враќа со полна сила", се прашува Шпигел и додава дека во целиот регион бројот на новозаразени нагло расте. „Во Србија во споредба со минатата недела за 125 отсто, во БиХ за 75 отсто, а во Хрватска за дури 232 проценти".
Магазинот наведува дека поради Австрија пред неколку дена воведе строги ограничувања за сите кои се враќаат од Србија, БиХ, Северна Македонија. Истото важи и за Германија која, и покрај препораките на ЕУ, ја задржа забраната за влез на српските државјани.
„На Балканот всушност не може да станува збор за втор бран на пандемијата. Коронавирусот едноставно пристигнува со задоцнување. Владите, свесни за слабоста на своите здравствени системи, многу рано воведоа строги рестрикции и со тоа долго го држеа бројот на заразените на многу ниско ниво. А потоа властите попуштија под притисок на стопанството и граѓаните. Освен тоа, во некои земји се одржаа и избори", пишува Шпигел.
Германскиот јавен сервис АРД опширно информира за случувањата во регионот.
„Дали тука се работи за втор бран на коронавирус или за пик на првиот бран? Околу дефинициите може да се расправа, но факт е дека драматичната епидемиолошка состојба во југоисточна Европа не попушти. Напротив".
Причините за ваквиот развој на состојбата АРД ги наоѓа на примерот на БиХ: „Насекаде можат да се види зошто заразата се шири: во кафулињата, рестораните, продавниците и во јавниот превоз, многумина не носат заштитна маска, а ни правилото за дистанца не се почитува".
АРД оценува дека во последните недели во Хрватска контролата врз коронавирусот била жртвувана поради политика и туризам. „Хрватска е една од земјите кои брзо и ефикасно реагираа на пандемијата. Но, од пред една недела Хрватска спаѓа меѓу пет ЕУ членки со најголем број новозаразени на 100,000 жители.
„Ова сигурно не е баш добра реклама за туристичката земја Хрватска и сигурно една од причините поради кои туристите не доаѓаат", заклучува АРД.