1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија во маѓепсан круг со косовскиот мит

11 декември 2011

Партиите кои го соборија Милошевиќ немаа сила, ниту политичка храброст да го пресечат „гордиевиот јазол“ направен од проблемите што тој режим им ги остави во наследство. И меѓу нив има многу националистички сили.

https://p.dw.com/p/13OBr
Аналитичарите оценуваат дека властите по Милошевиќ не расчистиле ни со минатото, ниту со политиката за КосовоФотографија: AP

Животот во Србија премногу често изгледа како лошо повторување на бесконечноста и секогаш повторување на истите политички грешки, за што сведочи и најновата драма околу статусот на кандидат за ЕУ.

Митот за Косово и понатаму е очигледно многу жив, иако нема допир со реалноста, како и секој друг мит. И сега, наместо соочување со реалноста, Србија му се мурти на целиот свет, аболицирајќи се себе си од секаква вина.

Montage Serbien und Kosovo Symbolbild
Политичарите не сакале да им ја кажат реалноста на Србите во врска со Косово, сметаат аналитичаритеФотографија: AP/Montage DW

Горан Јешиќ, функционер во Демократската партија, вели дека сега имаме ваква ситуација, поради тоа што Србија не сака да се соочи со фактите и со она што се случува.

„Не сакавме јасно да им кажеме на луѓето како стојат работите. За поделбата на Косово можевме да зборуваме во Рамбује, а не 12 години подоцна. Поради неискреноста кон граѓаните на Србија, денеска дојдовме во ситуација да имаме проблем, пред се' за развојот на Србија и воопшто за опстанокот на Србија во европското друштво на народи“, вели Јешиќ.

Новинарот Димитрије Боаров вели дека во односот кон Косово се гледа дека сфаќањето на политиката во Србија не се поместило премногу откако е соборен Милошевиќ од власт.

„Проблемот е во тоа што и власта по 2000 година не ја сочинуваа оние политички сили кои раскрстиле со онаа т.н. национална политика до 2000 година. Традиционалното сфаќање на државата и улогата на нацијата во државата и понатаму останува централна точка речиси во сите идеолошки програми во Србија“, смета Боаров.

Загледани во рејтинзите

Kosovo Urteil
Милошевиќ оставил во наследство проблеми, кои политичарите не ги решаваат поради страв од рејтинзитеФотографија: AP

Социологот Алексеј Кишјухас исто така се согласува дека низ денешната косовска политика на Србија јасно се гледа дека властите по Милошевиќ немаа сила да го пресечат „гордиевиот јазол“, кој во наследство им го остави тој режим. „Тој вид на дисконтинуитет не се случи и затоа не е невообичаено тоа што имаме исти приказни, исти теми, исти глупаци, иста естетика и се’ што оди заедно со тоа. Политичките елити немаат храброст да го направат тоа, загледани во рејтинзите и сличните работи, доживувајќи ја политиката како продажба на самите себе“, наведува Кишјухас.

Димитрије Боаров смета дека Србија можела по 2000-та година да води поинаква политика кон Косово. „Не се тргна благовремено во еден друг политички проект, кој би подразбирал на еден сериозен начин да се инситуционализира заштитата на Србите на Косово. А, тоа е можно само со некој вид на автономија: или персонална, или територијална, или и едната и другата“, оценува Боаров.

Автор: Динко Грухоњиќ / Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска