Србија бара нова резолуција, Косово нови признавања
30 јули 2010Шефот на српската дипломатија Вук Јеремиќ со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун во Њујорк разговараше за српската предлог-резоуција за Косово, поднесена во ОН. Во предлог-резолуцијата се предвидува Генералното собрание на ОН од Србија и Косово да побара „постигнување решенија прифатливи за двете страни за сите отворени прашања, преку мирен дијалог, во интерес на мирот, безбедноста и соработката во регионот“. Според соопштението од кабинетот на Бан, „Генералниот секретар на ОН рекол дека планира тесна координација на наредните чекори со ЕУ, која се понудила да помогне за дијалог на Приштина и Белград“.
Јеремиќ во интервју за агенцијата „Асошиетед Прес“ апелираше до повеќе од 120 држави кои не го имаат признато Косово да и‘ дадат поддршка на резолуцијата на Србија со која се потврдува дека едностраната сецесија е неприфатлив начин за решавање на споровите во рамки на државите. Јеремиќ вели дека поддршката за резолуцијата е најдобар начин да се затвори „Пандорината кутија“ која е отворена со одлуката на Меѓународниот суд на правдата минатиот четврток, а според која, декларацијата за независност на Косово не е во спротивност со меѓународното право.
Во авторски текст за „Вол стрит журнал“, шефот на српската дипломатија предупредува дека малцинствата во други земји можат да ја искористат прогласената независност на Косово како образец и раководејќи се од мислењето на судот, да тврдат дека тоа е во согласност со меѓународното право.
Косовскиот премиер Хашим Тачи во интервју за приштинскиот весник „Бота сот“ вчера изјави дека ќе продолжи да лобира за натамошни признавања на Косово и изрази очекување дека набргу ќе биде постигнато единство на европските лидери за евроатлантската иднина на Косово. Според Тачи „со Белград нема да има дијалог за внатрешните работи на Косово.“
Автор: ЕМФ/ СН/ бета/ афп/ дпа
Редактор: Александра Трајковска