Србите повторно подигнаа барикади во Косово
14 септември 2011Српското малцинство во Косово повторно подигна барикади на патиштата кои водат кон Србија. Намерата е да се спречи косовската влада да ја преземе контролата врз граничните премини Јариње и Брњак, претходно контролирани од Србите. Излезот од Митровица во правец на Србија е попречен со бариери и товарни возила.
Германските војници во состав на меѓународните заштитни сили кои се грижат за снабдувањето на КФОР на спорниот граничен премин Јариње, морале да се откажат од намерата да возат кон Србија и се вратиле во базата. Вчера и Србите во Лепосавиќ, Рударе и Зубин Поток го запреа сообраќајот со барикади.
Косовскиот премиер Хашим Тачи претходно уште еднаш најави дека цариниците и граничарите од Приштина в петок ќе ги преземат двата гранични премини, Јариње и Брњак.
Автор: ЖА/ БГ/ дпа
Редактор: Александра Трајковска