1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србите на Косово нема да учат за „Косовската битка“

24 септември 2010

Комисија на косовската влада препорачува забрана на одделни содржини од учебниците на српски јазик. Србите на тоа гледаат како притисок врз нивниот идентитет, а меѓународната канцеларија во Приштина ја одобри програмата

https://p.dw.com/p/PKJR
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според информациите кои досега стигнаа во јавноста, Комисијата за образование на Косово ги оценила како проблематични народните песни „Симонида“ и „Косовска битка“, како и некои други содржини од учебниците по историја и географија на српски јазик, што предизвика бура од незадоволство кај локалните Срби.

Портпаролот на Канцеларијата на меѓународниот претставник на Косово, Енди Мегафи вели дека состојбата треба да се разгледува од аспект на напорите на косовската влада да им се овозможи на децата чиј мајчин јазик е српскиот да учат на сопствениот јазик и на автохтони наставни програми.

„Комисијата изврши преглед и проверка на сите учебници и наставни програми за да оцени дали се во согласност со Уставот на Косово. Дојдоа до заклучок дека некои работи не се во склад со одредбите на Уставот и изнесоа препораки да се извршат одредени измени во наставата. Не сакајќи да навлегуваме подлабоко во детали, можеме да кажеме дека она што го прави косовската влада е позитивно и одговорно“, вели Мегафи.

Програмата е неприфатлива за Србите

Но, за професорката по српски јазик и книжевност во Средното техничко училиште во Партеш, Весна Јовановиќ, тоа е притисок врз српските наставници на Косово.

Kind aus Kosovo mit Schulbuch in Albanien
Фотографија: AP Photo

„Со оваа постапка министерството за образование удира врз нашиот национален идентитет, врз јазикот, културата, историјата и географијата, а тоа се нешта на кои секој народ е чувствителен“.

Јовановиќ вели дека српските ученици и во иднина ќе учат според старата наставна програма, се’ додека експертите не докажат нешто ново. Наместо властите да наметнуваат што треба да учат српските деца, треба да се обидат да им обезбедат подобри услови за школување, вели Јовановиќ.

„Ние и понатаму работиме во неадекватни услови. Набркани сме од градовите, а не постои ниту едно српско училиште во ниту еден град на Косово, освен во северниот дел на Митровица. Прашањето за образованието е тема за која одговор треба да дадат научниците и просветните работници, а не политичарите“.

Заедничка програма за сите ученици на Косово

Hauptquartier der UNMIK, United Nation Mission in Kosovo, in Pristina
Меѓународните претставници ја поддржуваат наставната програмаФотографија: picture-alliance/ dpa

Според неа, на Србите само со репресија може да им се наметне новата наставна програма, но верува дека Приштина нема да добие поддршка за таков чекор.

Мегафи, пак, вели дека спроведувањето на новата програма е задача на Министерството за образование и на општинските власти.

„Нивната задача е да го премостат периодот до моментот кога косовското министерство доволно ќе се развие и ќе прогласи единствена наставна училишна програма за децата од сите заедници“.

Формирањето на Комисијата за преглед на наставниот материјал на српски јазик беше дел од планот на Ахтисари за Косово. Со Комисијата претседавал еден од тројцата српски претставници во телото, во кое членувале и тројца Албанци и еден претставник на меѓународната заедница.

Автор: Зулфија Јакупи / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска