1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србите на Косово – малцинство или конститутивен народ?

8 август 2006

Белград и Приштина денеска во Виена преговараат околу правата на малцинствата.

https://p.dw.com/p/AdiS
Виена
ВиенаФотографија: picture-alliance/ dpa

На денешната, прва рунда разговори за правата на малцинствата на Косово, не учествуваат политичките претставници на косовските Срби. Тие синоќа соопштија дека Србите не се сметаат за малцинство во покраината, туку за конститутивен народ – ако учествувале на разговори за малцинствата би испаднало дека де факто прифаќале таков статус. И членот на преговарачкиот тим на Белград Душан Батаковиќ пред почетокот изјави дека за Србите единствено е прифатливо во покраината да имаат статус на конститутивен народ. Според историјата, бројноста и заслугите за развојот на Косово, Србите се „јасно дефинирани како конститутивен народ“, а „еден народ не можете насилно да го сведете на статус на малцинство“ - вели Батаковиќ.

Лидерот на Српската листа за Косово и Метохија Оливер Ивановиќ изјави дека не се согласува со решениет на политичките претставници на косовските Срби да не учествуваат во денешните преговори: „Никој не може подобро од нас да знае кои се нашите проблеми во таа област и никој не знае подобро колку пати сме биле прегласувани во институциите“ - рече Ивановиќ и искажа очекување дека на денешните преговори Србите ќе бидат третирани како национална заедница, а не како малцинство.

Во платформата на преговарачката делегација на Приштина за правата на малцинските заедници се вели дека ќе биде промовиран, почитуван и заштитен етничкиот, културниот, верскиот и јазичниот идентитет на сите граѓани и заедници на Косово. Во документот Косово се дефинира како средина на толеранција, интеграција и меѓусебно почитување, за што ќе има и законски гаранции.

На припадниците на малцинствата ќе им биде овозможено рамноправно учество и работа во јавните служби, слобода на движење, право на употреба на јазикот во јавните служби, културни и верски права, медиуми на јазиците на заедниците, право на образование, здравствена заштита, користење на национални симболи, прослава на празници и друго.

По 16 часот час ќе биде познато дали барем денеска ќе има некаков напредок, откако вчерашната рунда за децентрализацијата не донесе никаков резултат.